Tell Me More – Kelly Corrigan
Понекогаш е скоро невозможно да ги пронајдете вистинските зборови во тешки ситуации. Во оваа автобиографска книга сочинета од мемоари, Кели ги доловува моментите од животот кога научила што е правилно да се каже, односно премолчи. Од моменти на семеен хаос кој го следи нејзиното четиричлено семејство, до тешки моменти кога дознава за тоа дека нејзиниот татко се бори со рак…
Во последно време сум многу „поотворена“ кон автобиографските книги и мемоари и за разлика од порано, не ги прескокнувам веднаш штом на Goodreads видам дека се ставени во таа категорија. И иако повеќето книги од овој тип ми се допаднале и сум ви ги препорачала, оваа сепак нема да ја ставам во истиот кош. Ја оценив со 3 ѕвездички, што не е воопшто лошо, само јас лично не би ви препорачала да потрошите време на неа. Мислам дека има далеку подобри и попоучни книги од овој тип.
Книгава е всушност во форма на белешки кои авторката ги правела за некои лоши моменти од нејзиниот живот, како што е на пример загубата на татко ѝ и нејзината најдобра пријателка. Поглавјата не течат во некоја хронолошка поврзаност, што морам да признаам дека малку ми недостигаше во книгава, бидејќи имав потреба од тоа да ги спојам настаните по некаков редослед и тек, бидејќи вака имав чувство дека само скокаме во длабоки вирчиња во кои се давела Кели во текот на животот. Особено затоа што, сосема логично, била и поинаква личност во сите тие моменти, дел поради годините, искуството и сите околности кои ја промениле.
Друго, добив впечаток дека Кели книгата си ја пишувала пред сè за самата себе, што не дека е лошо, далеку од тоа, бидејќи целиот процес на пишување за тешки периоди од животот, може многу психички да ѝ помогне на личноста која минува низ тоа. Проблемот во однос на ова е што јас имав постојано чувство дека Кели само го собрала сиот нејзин животен товар и го истурила во книгава, оставајќи нè нас читателите да се справуваме со него, наместо да ни биде инспирација и пример. Дури не ни успеав да се поврзам со неа, колку и да се обидував да се ставам во нејзина кожа. Не знам, можеби јас лично така ја доживеав, што не значи дека е случајот со останатите читатели, особено со оглед на тоа дека книгава има доста позитивни коментари. Сепак, јас не би ја ставила во препораки.