The Gifted School – Bruce Holsinger
Сместена во измислениот град Кристал во Колорадо, приказната ја следи драмата што се случува во кругот на пријатели кога се отвора ново училиште и тоа не било какво, туку училиште за талентирани деца. Гледано низ перспективата на четири семејства кои се врзани меѓу себе уште од раѓањето на нивните деца пред повеќе од една деценија, приказната ги открива не само границите што некои амбициозни родители се подготвени да ги преминат, туку и ефектот што тоа го има врз децата. Конкуренцијата ги тера да бидат немилосрдни едни кон други, па наскоро во кругот на семејните пријатели се создава завист и љубомора кои полека прават пукнатина во друштвото и отвараат многу долгочувани тајни.
Ова е една од оние книги кои би биле одлични за дисусија во читателски клуб, бидејќи допира до многу теми на кои има навистина што да се каже. Повеќеслојна и богата со добро изградени ликови чии карактерни особини се рефлектираат врз цела една заедница на богати семејства кои живеат удобен живот – сè додека во градот не се слушне за отворање на престижно училиште. Додека ја слушав аудио верзијата, постојано во глава ми беше тоа дека книгава има одличен потенцијал за солидна екранизација и целосно можев да ја замислам како мини тв серија на Нетфликс или HBO 🙂 И навистина – прочитав вест од лани дека ќе се снима серија по книгата, што мислам дека ќе биде одлично.
Да се навратам на самата приказна. Четири богати семејства чии деца се отприлика на иста возраст, се дружат и социјализираат, секој од нив помалку или повеќе носи маска пред другите, зашто ова е заедница во која сите се убави и успешни, а нивните деца беспрекорни. Па, не е ни чудо кога отворањето на едно престижно училиште во градот, создава тензија меѓу сите нив. Бројот на ученици кои ќе бидат примени е многу ограничен и секој треба да помине низ неколку скалила на тестирања. Што е најважно – овде парите не помагаат. Секој ученик кој ќе биде примен треба да покаже одлични резултати на секој од тестовите и со своите таленти да се истакне од толпата на илјадници деца кои конкурираат. Кога родителите сфаќаат дека нивните пари и висока положба во општеството нема никако да помогнат, почнува вистинската борба. Секој од нив верува дека нивното дете е посебно, дека е талентирано, паметно и нешто повеќе од другите. Секој од нив се фали во друштвото за тоа како неговото дете со сигурност ќе биде примено во училиштето. Ги величат и преувеличуваат способностите на нивните деца, само за другите да се почувствуваат омаловажени. За момент во целата таа меѓусебна борба, ме натераа да се запрашам: Дали родителите воопшто знаеја какви програми има во училиштето и дали е толку подобро од веќе постоечкото? Дали навистина имаа само надобри намери врзани за образованието на нивните деца, или едноставно аплицирањето и приемот го гледаа како престиж со кој ќе можат да се покажат пред другите?
Додека следевме што се случуваше меѓу родителите, приказната нè носеше и во кругот на децата кои и покрај нивната возраст, покажуваа исто толку големо ривалство. Нивните вистински желби често беа маскирани од желбите на нивните родители, на крајот терајќи ги да мислат дека сакаат нешто што во суштина и не го сакаат. Притисокот и очекувањата од родителите кои не секогаш можеа да ги исполнат, ги правеа да се чувствуваат невредни. Па затоа, кога една ваква прилика дојде во градот, чувствуваа потреба да ја докажат својата вредност и да влезат во училиштето, без разлика дали тоа е она што навистина го сакаат.
Вообичаено ваквите книги каде што се вклучени многу ликови ми создаваат конфузија и тешко ми е да ги разграничам, барем на почетокот, но овојпат немав таков проблем, веројатно затоа што секој лик и секое семејство од старт беа дадени на уникатен начин. Ми се допадна тоа што беше дадена тројна перспектива на работите, па имавме прилика да видиме низ призмата на мајките, татковците и децата. Истовремено, можевме јасно да ги видиме и нивните меѓусебни релации.
Ми се допадна книгата во целост, иако после целата драма можеби очекував малку повеќе од крајот. Сепак, ја препорачувам на сите они кои сакаат да читаат семејни драми со многу сплетки и интриги.
“Friends are the siblings God never gave us.”
“In chess everyone had a pattern, a tendency. Average human players were invariably predictable. They had grooves in their brains, like furrows in a plowed field out in Beulah County. And the trick to being a great chess player, the masters said, was to be unpredictable. To get out of your groove.”
“Because success in life didn’t just happen. Things didn’t always work out, no matter where or how you were raised.”
“You’ll be a lot less obsessed with what people think of you when you understand how infrequently they do.”