„Тајниот јазик на цвеќињата“ – Ванеса Дифенбо
Заборавениот Викторијански јазик на цвеќињата се употребувал за да се пренесе романтична порака: анамска рака за посветеност, митровденче за трпение, црвена роза за љубов. Но Викторија Џонс го применува за да искаже поинакви чувства: недоверба, огорченост и самотија. По детството поминато во системот за деца без родители, таа е неспособна да се зближи со никого и комуницира со светот само преку цвеќињата и нивното значење.
Сега, на 18 годишна возраст и целосно препуштена сама на себе, Викторија сфаќа дека има дарба да им помага на другите преку цвеќето што го избира за нив. Но, неочекуваната средба со мистериозен странец прави таа да се запраша што недостасува во нејзиниот живот. А кога ќе биде принудена да се соочи со болна тајна од своето минато, таа ќе мора да одлучи дали вреди да ризикува сè за втора шанса за среќа.
Вака кога ќе ги анализирам моите очекувања од книгава, наспроти моите сегашни впечатоци, сфаќам дека сум била во заблуда за неколку работи 😀 Прво, морам да кажам дека од некоја непозната причина, пред да почнам да ја читам книгава бев убедена дека се работи за историска приказна, а не знам зошто. Можеби корицата, или пак кратката содржина ми оставиле таков впечаток, а можеби и сум ја помешала со некоја друга што ми била на листа кога сум бирала што да читам следно. Како и да е, уште во првото поглавје сфатив дека дејствието во книгата се случува во сегашно време.
Понатаму, некако водена од кратката содржина имав замисла дека главниот фокус на приказната ќе биде воспоставување и развивање врски меѓу луѓето преку цвеќињата. Сепак, она што ја водеше приказната беше животот на Викторија – останатите ликови само некако попатно се провлекуваа низ нејзиниот животен пат, но не доволно за да ги запознаам како карактери. Ова не го кажувам како негативна забелешка, туку чисто како констатација.
Ако морам да кажам само еден збор за ликот на Викторија, би рекла: ладна. Нејзината недоверба кон луѓето правеше да има некој заштитен оклоп околу нејзе, па не дозволуваше никој да ѝ се приближи доволно за да ја запознае. На моменти дури и ме нервираше таа нејзина огорченост и рамнодушност кон сè што постои. Сепак, се обидував, а до некаде и успеав да го разберам нејзиниот начин на размислување и нејзините постапки зад кои се криеше болно минато.
Дејствието течеше во две временски рамки, па паралелно ја следевме Викторија како дете сирак, во обид да се вклопи некаде и периодот кога веќе е возрасна и самостојна. Поради сè она низ што поминала во нејзиното детство, Викторија имаше комплицирани врски со сите луѓе присутни во нејзиниот живот и можеби посакував некои од нив да завршија поинаку. И ете, можеби некои нешта ќе испаднеа поинаку ако таа отвореше барем мал процеп во нејзината душа и дозволеше некој да ѝ помогне…
Книгава ме остави со некои измешани чувства кон нејзиниот лик и поради тоа ја оценив со средна оценка, иако на моменти мислев дека заслужува повеќе.