Пет кратки книги за исполнување на годишниот читателски предизвик
Полека влегуваме во последната третина од овој месец декември, а со тоа се ближи и крајот на годината. Последните шест години си поставувам предизвик на број на прочитани книги, секако, без никаков притисок да го исполнам, само ете, како забава на Goodreads 🙂 Некогаш сум успевала во тоа да ја стигнам, па и надминам бројката, а некогаш не, но тоа не ми значи толку сè додека се дружам со книгите постојано.
Сепак, ако сте си поставиле предизвик со број на прочитани книги и сакате да го исполните, а останува уште малку време, за вас одвоив пет кратки книги кои можеби ќе ви помогнат во дополнување на вашата бројка 🙂 Секако, времето за кое ќе прочитате некоја книга не зависи единствено од бројот на страници, но можеби нешто од понуденото ќе ви се допадне и ќе го прочитате „во еден здив“ 😀
Свила – Алесандро Барико
Во 1861 година, кога епидемијата се заканува да ја уништи трговијата со свила во Франција, Ерве Жонкур патува во Јапонија. Таму се запознава со мистериозниот Хара Кеј, кај кого, овен свилени буби, ќе открие уште нешто. Тој развива тегобна копнеж кон убавата конкубина. Но тие не можат да се допрат, тие дури и не зборуваат.
Ерве не може да ги прочита белешките што му ги остава таа додека не се врати во својата земја. Но, во моментот кога го прави тоа, тој е поробен. Нивната тајна афера е убава, мазна, егзотична и беспрекорна, како парче префинета свила.
Никој не знае за нас – Симона Спарако
Сите сме тука.
Секоја со својот помалку или повеќе видлив трофеј и со здравствениот картон во рака. Сите сме наредени во ред како кога на училиште чекавме наставникот да го изусти нашето име. Една чита списание, со нејасен израз на лицето како нешто чудно да ѝ се врти низ главата. Друга пак, седи со наведната глава и скрстени раце, прилично нервозна. Се чинеше како позади онаа врата со пастелна боја да има радиокативно зрачење. Лоренцо го нема повеќе. Во оваа куќа нема никогаш повеќе да живее, и неговата соба ќе остане затворена уште кој знае колку време. Побарав од Пјетро да не преместува ништо, да ја остави секоја работа на свое место. Утрово треба да станам од кревет и да го убедам мојот мозок, да го научам дека можеби треба да научи да живее со реалноста на ова отсуство.
Г-ѓа Деловеј – Вирџинија Вулф
Госпоѓа Даловеј е едно од најпознатите дела на Вирџинија Вулф, роман кој опишува еден ден во животот на Клариса Деловеј, дама од високото општество во Британија, веднаш по Првата светска војна. Вулф ги опишува подготовките за забавата чиј домаќин е Клариса Даловеј. Приказната патува назад во времето и во сегашноста, а ни ја опишува менталната состојба на главната хероина, како и општата состојба во земјата по војната. Во овој навидум обичен ден се појавуваат луѓето кои се дел од нејзиното секојдневие, но и неколку чудни, неочекувани ликови, кои го прават тој ден поинаков.
Во времето на љубовта – Нагиб Махфуз
Љубов – кој би можел да ги пресмета нејзините промени, да ја измери нејзината сила, да ѝ ги открие маските што ги носи, или да ги предвиди нејзините спојувања и разделби?
Сит Аин е богата, угледна и убава жена. Средовечната вдовица живее во раскошна палата со голем двор, седи со својот препознатлив чадор и со нејзината мачка. Таа е силна и активна жена, мајка на своето соседство, постојано се движи, ги штити и им помага на соседите, сиромашните, беспомошните… За разлика од неа, нејзиниот син Езат е многу поинаков, емотивен и несигурен на свој начин. Уште од мали нозе е заљубен во сиромашката убавица Бадрија, љубов што не наидува на одобрување кај мајката и добротворка Сит Аин. Но, за среќа или несреќа, во Бадрија е заљубен и Хамдун, најдобриот пријател на Езат.
Ова е приказна со неочекувани пресврти и крај во средината на дваесеттиот век во Египет, за амбицијата, богатството, за политиката и над сѐ за љубовта во разни форми.
Засекогаш твој – Даниел Глатауер
Запознајте ја Џудит – жена во триесеттите години која случајно го запознава Ханес. Ханес е архитект, не е женет и е во најдобрите години од својот живот. Тој е сонот на секој мајка, принцот на бел коњ. На почетокот Џудит ужива во неговото внимание и љубов, во сè она што тој го прави за неа, но набрзо се заситува од целата страст и почнува да се чувствува заробено…