„Избриши ги солзите“ – Линда Хауард
Водена од опсесијата да ги пополнува празнините во туѓите животи, Мила Еџ има неверојатна страст, инстинкт и дарба за пронаоѓање исчезнати деца. Кога сè друго изгледа изгубено и беспомошно, очајни души од сите страни на светот доаѓаат кај неа за надеж и помош. Со работата, Мила се бори да побегне од бруталните емоции кои ја јадат однатре затоа што има само едно дете кое не може да го пронајде со години… а тоа е нејзиното дете.
Кога добива дојава за синџир за трговија со бебиња во мало село во Мексико, Мила тргнува да истражува без двоумење. Клучен човек во организацијата е маж со едно око, кој Мила патем добро го помни од минатото. Очајна да го најде, Мила се здружува со Џејмс Дијаз; сомнителен странец кој делува подеднакво опасно како и луѓето кои ги бараат.
Иако истрагата станува сè пожестока, Мила нема намера да се откаже. Иако сите ѝ велат да престане да го бара своето дете зашто веќе се изминати десет години, таа не слуша никого. Мила е жена борец, волчица подготвена на сè за да го најде своето дете. Па макар и соочена со опасен маж, платен убиец, кој би можел да ја замолчи засекогаш.
Оригиналното издание на оваа книга (под наслов Cry No More) беше првата книга на мојата to-read листа на Goodreads 😀 Таму ми стоеше уште од 2014-та година, некаде попатно низ годините ја подзаборавив, а кога Сакам книги неодамна го издаде македонскиот превод, го препознав насловот и името на авторката. Па од мојата to-read листа, премина на мојата листа за купување книги и секако дека веднаш штом ми стигна порачката се фатив за читање 🙂
Корицата, а до некаде и насловот можеби ќе ви дадат малку погрешен прв впечаток за тоа за што се работи, можеби ќе помислите дека е некаква обична романса во прашање, барем до моментот додека не ја прочитате кратката содржина. А потоа кога веќе ќе почнете и да ја читате, за брзо време ќе потонете меѓу страниците и ќе дозволите главните ликови да ве поведат низ приказната.
На моменти имав чувство дека книгата ме проголтала, зашто буквално не можев да ги тргнам очите од неа и да престанам да читам. Скокав од збор на збор, од ред врз ред, само за да можам побрзо да дознаам што се случило. Имаше делови кои успеав да ги предвидам, или барем една од претпоставките во глава да ми биде крајниот исход во книгата, но генерално земено, не би ја дефинирала како „предвидлива“, барем не за мене. Навистина уживав во читањето на секое поглавје.
Ликовите беа одлично скроени и многу реални. Затоа и успеав да се соживеам со нив. Мила беше апсолутно неверојатна и мислам дека и не мораш да бидеш мајка за да ја почувствуваш и препознаеш нејзината борбеност, нејзината пожртвуваност, истрајност и посветеност, а на крајот и нејзината сила која извираше од мајчинството. Во моментот кога го грабаат нејзиниот син, животот на Мила е ставен на пауза. Таа не може да мисли на ништо друго, освен на тоа да го пронајде своето дете. Ги губи сите страсти во животот, сите желби, сите планови пропаѓаат во вода, а на крајот таа се отуѓува и од сите најблиски, бидејќи никој не ја разбира. Никој не разбира дека таа едноставно не може да престане да трага по своето чедо. Паралелно на односите меѓу Мила и нејзиното семејство, гледавме и што оваа трагедија му направила на нејзиниот брак и колку поразлично се обидуваа да се справат со тоа Мила и нејзиниот сопружник.
Не би зборувала ништо повеќе за ликовите, бидејќи мислам дека премногу ќе откријам за оние кои не ја прочитале сè уште, па ќе мора да му верувате на мојот збор 🙂 Ликовите се фантастични.
Начинот на раскажување е мошне едноставен, наспроти тежината на самата приказна. Тече брзо и лесно, со постојани заплети, па во секој момент го имаше целото мое внимание. А крајот… крајот беше сосема соодветен. Ете наједноставно така би го оценила. Не можам да замислам посоодветен крај на една таква приказна.
Единствено нешто за кое имам замерка беше тоа што некои замрсени делови од приказната многу брзо се отплеткаа на крајот, иако очекував повеќе тензија и простор додека да дојдеме до расплетот. Причината ја наоѓам во тоа дека можеби Линда не сакала премногу да ја развлекува приказната, но искрено мене воопшто немаше да ми пречи малку акција и дополнителни страници за читање во однос на тој дел 🙂
Ако сте расположени за читање на добар трилер – задолжително ви ја препорачувам.
„Интимноста беше како лизгава надолнина, едно нешто може да доведе до друго, а без сомнение, таа денеска сериозно се приближи до опасноста.“
„Понекогаш ќе го свртеше лицето кон зимското сонце барајќи ја неговата млака топлина и знаеше дека преживеала.“