„Љубовниот детектив“ – Александра Потер
„На некој начин јас сум љубовен детектив. На светот нема поголема мистерија од љубовта.“
Руби Милер ја губи својата вера во љубовта. Во обид да ја заборави измамата на нејзиниот партнер, таа ѝ се приклучува на нејзината сестра на еднонеделниот одмор… тука започнува една извонредна авантура.
Украдени куфери, сестра во бегство и згоден странец, Американец, којшто ја намами Руби на магична мистериозна турнеја низ Индија. Шетајќи низ тврдините и посетувајќи гатачи и свадби, таа открива фасцинантни приказни за љубовта според системот „изгубено – пронајдено“.
Но, како што мистеријата се продлбочува, Руби открива интересни тајни кои го вртат наопаку нејзиниот живот. И она што започна како патување за да ја најде нејзината сестра, станува патување за пронаоѓање на својата нова љубов.
Ова е прва книга која ја читам од Потер, иако од поодамна имам нејзини книги на моите домашни полици, но ете, никогаш не сум се одлучила да посегнам по нив и од некоја непозната причина секогаш сум ги прескокнувала. Знам какви книги пишува, така што имав претстава и знаев што да очекувам, па бидејќи бев во расположение за нешто лесно читливо, прво се фатив за Љубовниот детектив. Ја почнав некаде пред спиење, со намера само да го почувствувам стилот на пишување на Потер, но некако толку лесно ми тргна читањето, што морав да останам да се подружам со неа малку подолго. И можеби баш поради мојот скептицизам и ниски очекувања, целото патешествие преку ликовите ми беше многу забавно, па на крајот дури се решив да не се штедам и да ѝ дадам 4 ѕвездички – оценка што ретко ја давам на книги од овој тип.
Главниот лик Руби е малку поинаква од женските ликови во повеќето романси – неа љубов не ѝ доаѓа ни на крај на памет. Нејзините намери врзани за долгото патување се сосема поинакви, но попатно искрснуваат некои работи кои ги пореметуваат нејзините планови и ја вовлекуваат во неочекувана авантура. Сето ова ја развива како лик, па онаа Руби од почетните поглавја е далеку од Руби во завршните поглавја. А самиот начин на раскажување ќе ви даде чувство дека таа ве земала за рака и ве понела низ приказната заедно со неа.
Добар дел од книгата е како патопис за Индија од кој научив нови работи и ја доживеав оваа земја одблиску, преку сите нејзини бои и мириси, преку сè она што ја краси, но и преку оние нешта што се далеку од убавина. Она што ми падна смешно е тоа што Индија, а богами и Англија, беа претставени небаре да се некои села, па одредени случајности беа навистина нереални 🙂 Но, сепак се работи за чик-лит, така што тоа нема да се земам како забелешка.
Ми се допадна хуморот, кој воопшто не беше усилен, баш напротив. Брзо се чита, затоа што и самото раскажување тече навистина брзо, па штом почнете, станувате дел од приказната и се тркалате заедно со неа 😀 А во однос на клише моментите типични за ваквите книги, јас искрено дури и не би можела да кажам дека ги имаше во голем број. Тоа е една од причините зошто ми беше многу пријатно изненадување книгава. Како за прва прочитана книга од Потер, доволно ме освои за и понатаму да продолжам да се дружам со нејзините книги 🙂
„Чудно е колку брзо се навикнав на бучавата и на хаосот во Индија. Исто како правта под моите нокти, веќе не ја ни забележувам. Речиси ми е тешко да се сетам на чувството што го имав кога првпат пристигнав во Индија. Како самата Индија да ти дава нов пар очи, кои ти дозволуваат да гледаш низ прашината и загаденоста, да го надминеш и да се помириш со сиот тој хаос и сиромаштија и да успееш да ја видиш вистинската убавина и сето она што ја прави оваа земја толку посебна.“
„Јас пишувам за љубов затоа што љубовта ме фацсинира, но јас не сум никаков експерт за љубов. Никој не е. Никој не ги знае сите одговори, затоа што не постојат одговори.“
„Прв пат во животот, јас бев премногу зафатена живеејќи своја животна приказна достојна за да биде прикажана и во некој од моите романи. Едноставно, бев премногу зафатена за да сакам да побегнам од реалноста и да се скријам во светот на имагинацијата. Но сега, кога седам овде, тоа што во Лондон не можев да се сконцентрирам на пишување ми изгледа како нешто смешно. Чувствувам некаква нова енергија, се чувствувам повторно инспирирана за да пишувам…“