Пет нови книги за читање во овој студен јануари
Ако почетокот на годинава личеше на рана пролет, снегот и минусните температури веќе ни покажаа дека сепак е зима 🙂 А што поубаво да правите во зима од тоа да се стуткате на топло, да си направите чај или какао и да се дружите со книга? Ако размислувате што да читате и сакате да се подновите со некој нов наслов, за вас одвоив пет книги од различен жанр кои можат да ви прават убаво друштво во овие студени денови.
„Драг Едвард“ – Ен Наполитано
Едно летно утро, дваесетгодишниот Едвард Адлер, заедно со брат му, родителите и уште 183 патници се патници на летот од Нуарк до Лос Анџелес. Меѓу нив е и еден финансиски вундеркинд активен на Волстрит, млада дама која се соочува со несакана бременост, ранет авганистански ветеран, бизнис-тајкун и слободоумна жена која бега од својот маж. И тогаш – се урива авионот. Едвард е единствениот преживеан.
Случајот на Едвард го привлекува вниманието на јавноста, но нему му е тешко да се соочи со загубата на семејството. Непрестајно чувствува дека душевниот мир го изгубил на оној судбоносен лет и дека неговата судбина засекогаш е врзана со авионот и со преостанатите патници.
Но, тогаш открива нешто сосем неочекувано, нешто што ќе го доведе до одговорот на многу важни прашања: Kако да се пронајдеш себеси кога си изгубил сè? Како да најдеш смисла во новиот живот? Што е разликата помеѓу преживувањето и живеењето?
„Драг Едвард“ е истовремено извонредна приказна за внатрешниот живот на главниот протагонист, повеќедимензионален портрет на незаборавна група ликови и трогателна илустрација на различните начини на кои може да закрепне едно скршено срце.
„Уметницата со кана“ – Алка Џоши
Живописен и заразен приказ на битката на една жена да се реализира себеси во општество кое е на раб меѓу традиционалното и модерното; Уметницата со кана отвора врата од свет кој е подеднакво раскошен и фасцинантен, колку што е мрачен и злобен.
По бегството од насилен брак, седумнаесетгодишната Лакшми се упатува во вибрантниот, розов град Џајпур. Таму станува најбараната уметница со кана, но и најголемата чуварка на тајни на најбогатите жени од високата класа. Но иако богатите ѝ ги откриваат сите свои тајни, таа никогаш не смее да ги довери своите некому…
Лакшми станува позната по оригиналните дизајни и добрите совети, но мора да биде внимателна за да не стане жртва на љубомора и озборувања кои би можеле да ѝ ја уништат репутацијата и заработувачката. Додека го исполнува својот сон за независен живот, сенки од минатото носат нови ризици. Нејзиниот поранешен маж ја пронаоѓа по многу години и се соочува со неа со сестрата што Лакшми не ни знае дека ја имала. Одеднаш, сите нејзини внимателно градени безбедносни ѕидови се под закана. Но Лакшми повторно продолжува да се бори низ животот, користејќи ги своите таленти за да се издигне над сѐ, воедно издигнувајќи ги и сите што ја опкружуваат.
„Те молам, внимавај на мама“ – Кјонг-Сук Шин
Секој има потреба од својата мајка, без разлика кој е и колку години има…
Парк Со-нјо, мајка на пет возрасни деца, доаѓа во Сеул да ги посети. Но, на преполната железничка станица, ѝ се губи секаква трага. Од перспектива на ќерката, најстариот син, сопругот, но и самата Со-нјо, ја разоткриваме сложеноста на меѓучовечките односи и ја запознаваме жената што целото свое постоење, без оглед на скриените желби и копнежи, се посветила само на децата. Четири приказни и четири перспективи – загуба, бес, вина и жртвување – ни откриваат вител од чувства што испливуваат по таинственото исчезнување на една мајка и жена. Но, ова не е приказна за една мајка, туку за многу мајки што повеќе се „наши“ одошто „свои“, за жените чиј живот се крунисува кога семејните нишки се олабавуваат, а децата тргнуваат по своите патишта.
Некои книги имаат моќ да нѐ менуваат, да го променат начинот на кој се доживуваме себеси и начинот на кој се однесуваме кон најблиските. „Те молам, внимавај на мама“ е една од тие книги. Таа може да ни послужи како опомена дека важните личности во нашиот живот не треба да ги земаме здраво за готово, таа предизвикува дури и непријатни спомени, вина и тага, не стресува до срж. Оваа книга претставува праг: кога еднаш ќе го поминеме, веќе нема да бидеме исти.
„Златниот час“ – Јона Греј
Селина Ленокс е млада жена која ужива во забавите, пијанките и сè она што го прават младите луѓе обидувајќи се да остане настрана од скандали и озборувања. Лоренс Вестон е сиромашен сликар кој сосема случајно ќе влезе во животот на Селина. Помеѓу нив се создава љубов и покрај сите правила кои не ја дозволуваат. Но, сепак љубовта е посилна сè до моментот кога се случува трагедија… Години подоцна деветгодишната Алис ги открива тајните од минатото, вистината за сегашноста и надежта за иднината.
„13 минути“ – Сара Пинбороу
Не се сеќавам како завршив во студената вода, но ова со сигурност го знам: тоа не беше несреќен случај. Велат, чувајте ги пријателите блиску до вас, а непријателите уште поблиску, но понекогаш е тешко да препознаете непријател меѓу пријателите. Моите пријатели ме сакаат. Сигурна сум дека е така. Но, тоа не значи дека не се обидоа да ме убијат.
13 минути е роман за една возбудлива мистерија околу еден обид за убиство, за недовербата меѓу луѓето, за стравот, за манипулацијата и за моќта на вистината. Содржина која едноставно ве тера да ги преиспитате сите ваши врски – и дали навистина ги познавате луѓето што ве опкружуваат…