„Еден незаборавен Божиќ“ – Лиса Клејпас
За време на божиќните празници во Лондон, Рејф Боуман пристигнува од Америка поради договорената средба со Натали Бландфорд, ќерката на леди и лорд Бландфорд, која е прекрасна и совршена, односно, соодветна сопруга за него.
Неговиот занесно добар изглед и импресивната фигура се повеќе од доволни за да ја импресионираат дамата која го чека – да не беше неговиот шокантен, американски начин на живот, нивниот брак ќе беше загарантиран.
Но, пред да може да почне додоворувањето, Рејф сфаќа дека мора да ги научи правилата на англиското општество. Жените во Англија се многу различни од жените во Америка и тој просто не може да ги сфати без помошта на четирите поранешни „стари моми“: Лилијан, Иви, Анабел и Дејзи. Но, кога тие четири ќе замешаат прсти во стројништво, само еден Бог знае што може да се случи.
За маж кој е навикнат да добива сѐ што ќе посака, пронаоѓањето на вистинската невеста се покажува покомплицирано од очекуваното. Сепак, на Божиќ се случуваат најнеочекуваните нешта, па и цинизмот може да се претвори во инспиративна, страсна романса.
Ова е уште еден дел од серијалот Wallflowers од кој што претходно ги прочитав „Една страшна зима“ и „Се случи една есен“, така што веќе знаев што да очекувам и стилот на раскажување ми беше веќе познат. Мислам дека деловите од серијалот можете да ги читате и засебно, иако верувам дека некои работи ќе ви бидат малку појасни ако почнете од почеток.
Конкретно во ова продолжение главниот фокус е врз Рејф кој доаѓа во Британија за да ја запознае неговата идна сопруга Натали, но умот му го поматува Хана – придружничка и братучетка на леди Натали. Она што Рејф во никој случај не го очекува е дека Хана ќе му се допадне толку многу, што тој ќе заборави на првичните планови и причини за неговото патување.
Посакувам Рејф како лик да ми се допаднеше повеќе. Иако имаше некои гестови од негова страна кои ме освоија, сепак некои негови постапки не можев да ги оправдам, и покрај тоа што беше дадено извесно оправдување преку претставување на неговата позадина. Од друга страна, Хана многу повеќе ја засакав како лик – беше нежна, а силна, кревка, а храбра. Дури можам да кажам дека од досегашните прочитани книги од овој серијал, Хана ми е можеби омилениот женски лик.
Ми се допаднаа дијалозите меѓу Рејф и неа, можев да ја почувствувам нивната хемија и да ја насетам нивната меѓусебна привлечност.
Слично на „Се случи една есен“, и овојпат можевме да направиме паралела меѓу американското и британското општество, поточно што е дозволено, а што не во едно високо друштво, почнувајќи од некои навидум незначајни работи, како на пример начинот на поздравување кој може дури и да даде впечаток на неучтивост.
Не ми се допадна тоа што книгата споредбено со останатите делови е многу кратка, иако не знам зошто. Мислам дека овие ликови заслужуваа подеднакво внимание како и останатите кои ги запознавме претходно и дека имаше многу потенцијал во приказната за да се распостеле на двојно повеќе страници, а сепак да го задржи вниманието на читателите до самиот крај.
Ако ваквите историски романси се по ваш вкус, тогаш ви ја препорачувам 🙂