Lovely War – Julie Berry
Во 1917 година, додека Првата Светска војна е во својот зенит, Хејзел и Џејмс за првпат се запознаваат на една забава во Лондон. Таа е срамежлива и талентирана пијанистка; тој е војник со соништа да стане архитект. За брзо тие се вљубуваат еден во друг, но нивната романса ја прекинува војната кога Џејмс е испратен на бојното поле.
Обри Едвардс ја има истата судбина: тој е Афро-Американец и надарен музичар кој е испратен да војува во Европа. Љубовта е последната работа што му паѓа на ум – сè додека не ја запознае белгиската пејачка Колет, која веќе преживеала незамислива трагедија од Германците.
Триесет години по судирањето на судбините на овие четири љубовници, грчката божица Афродита им ги раскажува своите приказни на нејзиниот сопруг Хефест и нејзиниот љубовник Арес во луксузната хотелска соба на Менхетн во екот на Втората Светска војна. Таа бара одговор на вековното прашање: Зошто љубовта и војната се вечно привлечени еден кон друг?
Ова е книга која почнав да ја читам без многу предзнаење за кратката содржина, нешто што многу често го правам и го оставам тоа како изненадување, а многу пати и како своевиден тест за препораките и позитивните коментари кои сум ги прочитала. Романот започнува токму со раскажувањето од страна на грчката божица Афродита која ги пренесува двете љубовни приказни, па баш поради интересниот начин на кој почнува, за момент дури помислив дека сум ја погрешила книгата 😀 Па еве така ќе ја започнам мојата рецензија – со првото нешто кое ми се допадна – а тоа е пристапот на раскажување преку грчките богови кои се фатени во љубовен триаголник 🙂 Навистина несекојдневно и уникатно, нешто што на книгата ѝ даваше интересна жичка.
Ликовите, зборувам за четирите ликови кои нè водат низ двете паралелни приказни, беа навистина допадливи. Немаше лик кон кој имав било каква одбивност или негативно чувство, сите ми беа многу симпатични – секој од нив имаше свои маани, но беа одлично скоцкани. Покрај тоа, беа еден многу интересен спој на особини како личности, секој од нив со уникатни белези.
За малку ќе ја прескокнев книгава, или барем ќе ја оставев за понатаму, затоа што некако не бев во расположение за приказна која ја обработува Првата Светска војна, но тука би сакала да потенцирам дека војната и не е толку во преден план, барем јас не ја доживеав на таков начин. Ми се чини дека прв пат читам книга во која дел од приказната добива еден Афро-Американец кој е испратен во војна, попатно соочувајќи се со расизам и безброј предрасуди кои произлегуваат од неговиот изглед.
Не знам од која причина, очекував дејствието да се случува побавно, но работите се движат навистина брзо, дури и кога е делот на романсата во прашање. Сепак, темпото на дејствието не ја исклучи прекрасната нарација која нè водеше низ судбините на четирите ликови, украсена со многу убави цитати од кои ќе одвојам дел во продолжение:
“I envy your mortals.”
“As Ares says, they die, you know.”
“They do. But the lucky ones live first.”
“I envy the mortals. It’s because they’re weak and damaged that they can love.”
“The first casualty of war is the truth.”
“Lies are worse than no comfort at all. Especially to a mind already scorched by the truth.”
“The most ordinary mortal bodies are housed by spectacular souls.”
“Let them start their dreadful wars, let destruction rain down, and let plague sweep through, but I will still be here, doing my work, holding humankind together with love like this.”