Три нови романси за љубовно расположение
Конечно се збогувавме најдооолгиот месец во годината, а сега време е за февруари кој во мојата глава е поврзан со љубовта, виното и… хаику поезијата! 😀
Без оглед на тоа дали сакате некому да подарите некој љубовен роман, или едноставно да си се почестите себеси, се надевам дека од помош ќе ви бидат овие три нови романси кои ги одвоив за вас 🙂
Да почнеме со нешто најново:
„Меден месец“ – Кристина Лорен
Олив Торес е навикната да биде баксузната близначка. Од необјасниви несреќи до неодамнешно отпуштање, нејзиниот живот се чини дека е речиси трагикомичен. Спротивно на тоа, сестра ѝ Ами е вечна шампионка… дури успеа да ја финансира целата своја венчавка, победувајќи на многу наградни игри. За Олив, единственото нешто што е полошо од постојаната лоша среќа е денот на венчавката да го поминете со кумот (својот најголем непријател), Итан Томас. Олив се подготвува за свадбен пекол, решена да го помине со монтирана лажна насмевка на лицето. Но, се случува токму спротивното, свадбената забава тргнува на лошо за сите, освен за Олив и Итан. За да не пропадне добиениот меден месец на Мауи како награда, Олив ќе мора да се одлучи на привремено примирје со Итан за да ужива во рајот.
На крајот на краиштата, вреди десет дена да се преправа дека е на меден месец, нели? Но, чудно е тоа што… Олив нема ништо против да се преправа. Всушност, колку повеќе се преправа дека е најсреќната жена на светот, толку повеќе се чувствува како да е.
„Љубовно романче“ – Емили Хенри
Една писателка на романси која повеќе не верува во љубов и еден писател на сериозни книжевни дела кој има писателска блокада се впуштаат во летен предизвик кој може да ги промени сите нивни досегашни верувања.
Август Еверет е познат автор на интелектуална книжевна фикција. Јануари Ендрус е авторка на романси бестселери – или, според него, на „љубовни романчиња“. Додека таа везе среќни краеви, тој ги „убива“ сите главни ликови во своите книги.
Тие се тотално спротивни. Всушност, единственото заедничко им е тоа што во следните три месеци живеат во соседни куќи на плажа, двајцата банкрот и со писателски блокади.
Една досадна вечер, едно води кон друго и си поставуваат предизвик со цел да излезат од креативната рутина: Август ќе го помине летото пишувајќи нешто со среќен крај, а Јануари ќе заплови во водите на сериозната, интроспективна фикција. Таа ќе го носи на романтични места за да истражува за романтичната новела, а тој неа на интервјуа со преживеани од опасен култ (многу јасно). Двајцата ќе си ги завршат книгите и никој нема да се вљуби во никого. Сериозно…
„Заеднички стан“ – Бет О’Лири
Тифи и Леон делат стан.
Тифи и Леон делат кревет.
Тифи и Леон никогаш не се сретнале…
На Тифи Мур ù треба евтин стан, и тоа итно. Леон Туми работи ноќе и му требаат пари. Нивните пријатели мислат дека се луди, но тоа е совршено решение: Леон живее во станот со еден кревет додека Тифи работи преку ден, а таа го има станот преостанатото време.
Со опсесивни поранешни партнери, со комплицирани клиенти на работа, со погрешно обвинет брат и, секако, фактот дека сè уште не се сретнале, тие откриваат дека ако сакаш совршен дом, треба да го фрлиш правилникот низ прозорец.