The Wedding Date – Jasmine Guillory
Согласувајќи се да оди на свадба со момче кое го запознава при заглавување во лифт, Алекса Монро прави нешто кое никогаш не би го направила. Но, има нешто во врска со Дру на кое е премногу тешко да се одолее.
Во пресрет на свадбата на неговата поранешна девојка, Дру е сингл и без партнерка која ќе го придружува – сè додека не завршува во лифт со девојка која е совршениот кандидат за тоа…
Иако скептични за тоа како ќе помине вечерта, Алекса и Дру се чувствуваат како да се на вистински состанок и дружењето кое го имаат заедно е подобро од очекуваното. Но, откако свадбата завршува, работите се враќаат на старо – Дру се враќа назад во Лос Анџелес каде го чека неговата работа како детски хирург, а Алекса се упатува дома во Беркли, каде што е советник во кабинетот на градоначалникот. Сепак, една заеднички помината вечер е доволна за тие двајца да не можат да престанат да размислуваат еден за друг…
Ова е една од оние книги во кои ви е сосема јасно кон што водат работите – предвидлива приказна која можете да си ја замислите во глава уште од самата кратка содржина и корицата. А сепак, не ја оставате зашто забавно ви е да ја читате 🙂
Ја слушав аудио верзијата која е одлична, што можеби дополнително допринесе за тоа да ми се допадне. Кога слушате добра аудио книга, некако и самите обврски што ги извршувате попатно стануваат полесни. Алиштата побрзо се пеглаат, садовите полесно се мијат, ручекот е прави сам 😀 Е буквално така се чувствував додека ја слушав – лесна и забавна книга во која иако нема ништо што ќе ве остави изненадени или затечени, сепак ќе направи времето и обврските да ви прелетаат. Ликовите очигледно ми беа допадливи, а ми се допадна и тоа што работите не се одвиваа брзо, туку со некое убаво темпо си доаѓаа на свое место.
Немам што повеќе да кажам и да анализирам околу книгава, сепак, чик-лит е, па и нема што многу да се разглобува 🙂 Единствено ќе кажам дека ако сте расположени за некоја ваква приказна, а особено ако успеете да ја најдете аудио верзијата и сте љубител на аудио книги – да ѝ дадете шанса.