House Rules – Jodi Picoult
Џејкоб Хант е тинејџер со Аспергеров синдром. Тој е безнадежен случај кога е во прашање социјализацијата и контактот со луѓе, но е брилијантен на многу други начини. Тој има особено фокус на една тема – форензичка анализа. Полицискиот скенер во неговата соба го известува за сите извршени злосторства кои се пријавени, а тој секогаш се појавува на лице место и им кажува на полицајците што да прават. И обично – тој е во право.
Но, кога малото родно место на Џејкоб е потресено од страшно убиство, полицијата се појавува пред неговата врата. Однесувањето на Џејкоб е типично за некој со Аспергеров синдром, но локалната полиција тоа го толкува како криење на вина. Одеднаш семејството Хант, кое сака само да се вклопи во општеството, се директно во центарот на вниманието. За мајката на Џејкоб, Ема, тоа е брутален потсетник на нетолеранцијата и неразбирањето што секогаш му се закануваат на нејзиното семејство. За неговиот брат Тео, тоа е уште еден показател зошто ништо не е нормално поради Џејкоб. Иако се негово најблиско семејство, и двајцата ги мачи истото прашање: Дали Џејкоб извршил убиство?
Одамна не сум ја читала Пико, па решив да се навратам на нејзините книги кои секогаш разработуваат различна тематика, не се нималку слични (барем оние кои јас сум ги читала досега) а се подеднакво добро раскажани.
House Rules е една од оние книги за кои посакувам да имавме активен читателски клуб во кој ќе можевме слободно да дискутираме за настаните, бидејќи има многу што да се зборува за тоа.
Јас ја оценив со 4 ѕвездички и моите забелешки не се насочени кон нешто конкретно, но еве ќе дадам коментар на критиките кои најчесто го среќавав во коментарите на Goodreads. Прво беше тоа дека на погрешен начин е портретиран Аспергеровиот синдром, особено во делот на тоа дека не се работи за болест, па затоа и не треба да дава објаснување дека „не се лечи“, а потоа и во делот на тоа дека симптомите се комбинација на овој синдром и аутизмот, што се две различни работи. Ќе бидам искрена и ќе кажам дека Аспергеровиот синдром го немам премногу истражувано, иако сум чула за него, но не би можела да кажам дали презентацијата на Пико во книгава соодветствува на научните истражувања во целост. Она што можам да го кажам е дека некој што можеби и никогаш не слушнал за овој синдром, преку настаните во книгата одблиску ќе може да добие слика за симптомите и да го разбере однесувањето на оние кои го имаат овој синдром.
Втората забелешка која се провлекуваше низ коментарите на Goodreads беше тоа дека книгата е предвидлива. Ќе се сложам до некаде, крајот го претпоставив и јас, меѓутоа мислам дека во некои книги тоа и не е толку важно. Сепак, оваа книга не би можеле да ја класифицираме како некој трилер да речеме, во кој исходот од настаните и самиот расплет играат голема улога. Јас би рекла дека овде беше многу поважно тоа како се градеше приказната која инаку беше повеќеслојна и имавме можност да ги погледнеме истите настани од различни перспективи. Можевме да видиме како двајца родители се справуваат со една ваква состојба на детето – за разлика од мајката на Џејкоб која никогаш не се откажа од тоа да му помогне да напредува и лавовски се бореше против предрасудите на општеството, неговиот татко го напуштил кратко време по дијагностицирањето. Ѕирнавме и од гледната точка на братот на Џејкоб, Лео, кој иако помал од него, отсекогаш се чувствувал како „поголемиот брат“ кој треба да го чува и штити. Фрливме поглед и врз нивното целокупно заедничко живеење, во кое центарот секогаш беше Џејкоб – секогаш сите се ориентираа и се приспособуваа кон неговите потреби, занемарувајќи ги сопствените. А тоа некогаш создаваше револт кај Лео, кој сè што сакаше е биде слободен во она што ќе го прави. Гледавме каков ефект има околината врз Џејкоб, но и врз неговото семејство – Ема, која многу трпеливо се обидуваше да ја објасни состојбата на нејзиниот син во многу ралични ситуации. Лео, кој понекогаш се срамеше од сопствениот брат и неговото однесување, па го избегнуваше и се преправаше дека не го познава кога беше во друштво на нови другари.
Добар дел од книгата е посветен на самата судска постапка на Џејкоб, меѓутоа во ниту еден момент нарацијата не беше монотона, баш напротив – преку сите сведочења и прикажување на доказите, полека се градеше приказната за тоа што се случило, но и постепено ја осознававме состојбата на Џејкоб, како и односите што тој ги има со членовите на неговото семејство, другарите и познаниците.
Ако сте расположени за семејна драма – топло ви ја препорачувам.