Passion on Park Avenue – Lauren Layne
Откако знае за себе, Наоми Пауел, родена во Бронкс, има една цел: да ја докаже својата вредност меѓу луѓето од високата класа на Менхетен – истите луѓе за кои нејзината мајка работела како куќна помошничка. Сега, како добро ситуирана сопственичка на една од најголемите фирми за накит во земјата, Наоми конечно го има токму она што отсекогаш го сакала – но, се чини дека богатството не е доволно за таа да престане да се чувствува како аутсајдер меѓу елитата.
Најголема пречка во тоа е Оливер Канингам – возрасниот син на семејството во кое порано работела мајката на Наоми. Како деца, Оливер не се однесувал добро со Наоми, а сега како возрасни, се чини дека Оливер има сосема поинакви начини кои го имаат истиот ефект врз неа. Тој не се сеќава на Наоми, но неговиот лик е длабоко врежан во нејзиното сеќавање, а овојпат таа доаѓа со намера да му се одмазди.
Ова ми е втора книга од Лорен Лејн, иако многу често налетувам на нејзините наслови и знам дека е популарна чик-лит авторка кај македонските читатели 🙂 Знам какви книги пишува, па знаев и што да очекувам и ја одбрав оваа книга токму поради тоа што бев расположена за некоја лесна книга која ќе ме релаксира. Морам да признаам дека не беше толку клише колку што очекував, а можеби и навистина некогаш многу ги потценувам ваквите книги, иако сум била сведок дека и од овој жанр можат да излезат сосема солидно раскажани приказни. Немаше плитки дијалози, темпото на раскажување беше по мој вкус, а ми се допаднаа и ликовите, особено Наоми. Сакам силни женски карактери кои им пркосат на препреките и не се очајни за да паднат во нечија машка прегратка. Од друга страна, ми се допадна и тоа што на сметка на силниот лик на Наоми, Оливер воопшто не беше прикажан како слабак.
Сумирано – ми се допадна. Ако сакате некоја лесна книга во која сепак приказната има своја позадина, не е толку површна и е интересно раскажана, ви ја препорачувам.