Три поетски збирки за одбележување на Денот на поезијата
Како некој што сака да чита и пишува поезија, 21 март, меѓудругото, во мојот календар е обележан и како Светски ден на поезијата 🙂 Последните години кај нас се одбележуваше и преку акцијата „Плати со поезија“ во која се вклучуваа различни угостителски локали, но со сè она што ни се случува сега, и оваа акција е ставена на пауза. Сепак, тоа не значи дека не можеме да го прославиме овој ден преку уживање во поезија 🙂 За вас одвоив три поетски збирки од кои одбрав по една песна.
Ќе почнам со една од омилените, од Збирката поезија од Пабло Неруда
Ода на неколкуте жолти цветови
Наспрема небесното синило морето ги движи
своите синила, а наспрема небото
неколку жолти цветови.
Доаѓа октомври.
Па макар што е толку важно дека морето го развива
својот мит, својата порака, своето надоаѓање,
се разгорува
на песокот златото
на една единствена жолта билка,
а твоите очи
се врзуваат за земјата,
бегаат од големото море и неговите грчеви.
Прав сме и ќе бидеме.
Ни воздух, ни оган, ни вода,
туку
земја,
само земја
ќе бидеме
и можеби
неколку жолти цветови.
Од стихозбирката „Дениција“ од Петре М. Андреевски
Прво писмо (од циклусот Пет љубовни писма)
Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:
ни детските шепоти што ги откривав
во сеидбите на дождовите,
ни закажаната бура во пајажините
од крајпатните меанчиња,
ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците
ни она што добива форма само во мојот слух,
ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец
го навиваше својот ноќен часовник,
ни родилните маки на фрленото семе,
ни разгорениот пожар на главата од петелот
додека бега од сенката што слегува од небото,
ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,
меѓу твоите два припека,
ни змијата што го возбудува врвот од житата,
ни снежните намети и налети во афионовите полиња,
ни пламенот што надојдува, како есенска магла,
во низата од пиперките,
ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,
ни притаената светлина во купениот кибрит;
ништо не е повидливо од твојата трага
пред мене и зад мене, со мене и во мене.
Од стихозбирката „Преместен камен“ од Никола Маџиров
Сенките нè одминуваат
Еден ден ќе се сретнеме,
како бротче од хартија и
лубеница што се лади во реката.
Немирот на светот ќе
биде со нас. Со дланките
ќе го помрачиме сонцето и со фенер
ќе се доближуваме.
Еден ден ветрот нема
да го промени правецот.
Брезата ќе испрати лисја
во нашите чевли пред прагот.
Волците ќе тргнат по
нашата невиност.
Пеперутките ќе го остават
својот прав врз нашите образи.
Една старица секое утро
ќе раскажува за нас во чекалната.
И ова што го кажувам е
веќе кажано: го чекаме ветрот
како две знамиња на граничен премин.
Еден ден сите сенки
ќе нè одминат.