Love Story – Lauren Layne
Кога Луси Хокинс ќе добие понуда за работа во Сан Франциско, едвај чека да го остави својот мал роден град во Вирџинија зад себе и да ги рашири крилјата. Нејзиното семејство ја поддржува во тоа таа да ги оствари своите соништа и Луси ги добива клучевите од семејниот автомобил кој за волја на вистината, видел подобри денови. Но, под еден услов – таа да не патува сама, туку на долгото патување да ѝ се придружи Рис, најдобриот пријател на нејзиниот постар брат, односно момчето со кое таа ја загубила невиноста неколку часа пред тој да ѝ го скрши срцето.
Откако изминатите четири години ги поминал грижејќи се за својот болен татко и трошејќи ги и последните пари, Рис Саливан ќе стори сé за да се ослободи од болните спомени – дури и ако во прашање е двонеделно патување со една девојка што некогаш успеала да ја пробие неговата груба надворешност. Но, по долгите денови поминати во расправии во автомобилот, следат жешки ноќи во мотелските соби, а тогаш Рис сфаќа дека кога е Луси во прашање, нивната приказна е далеку од завршена. И овој пат, тие двајца можеби имаат шанса за среќен крај.
Искрено кажано, немав некои високи очекувања за книгава, бидејќи налетав на повеќе критики од читателите на Goodreads, но сепак решив да ѝ дадам шанса со отворена опција да ја оставам доколку не ми се допадне. Сепак, не само што не ја оставив недочитана, односно недослушана, туку и ми се допадна како чик-лит, можеби и затоа што наспроти очекувањата, пријатно ме изненади. Особено добро ми дојде со оглед на тоа дека ја слушав аудио верзијата во еден тежок период кога ми требаше некоја лесна книга што ќе ме расположи. Мислам дека нема потреба да кажувам дека е предвидлива и веќе се знае како ќе заврши, но попатно приказната и не е толку клише, освен тоа, мене стварно ми беше пријатно патувањето со Луси и Рис 🙂
Инаку ова е трет дел од серијалот Love Unexpectedly, но може слободно да се чита засебно.