„Љубовно романче“ – Емили Хенри
Една писателка на романси која повеќе не верува во љубов и еден писател на сериозни книжевни дела кој има писателска блокада се впуштаат во летен предизвик кој може да ги промени сите нивни досегашни верувања.
Август Еверет е познат автор на интелектуална книжевна фикција. Јануари Ендрус е авторка на романси бестселери – или, според него, на „љубовни романчиња“. Додека таа везе среќни краеви, тој ги „убива“ сите главни ликови во своите книги.
Тие се тотално спротивни. Всушност, единственото заедничко им е тоа што во следните три месеци живеат во соседни куќи на плажа, двајцата банкрот и со писателски блокади.
Една досадна вечер, едно води кон друго и си поставуваат предизвик со цел да излезат од креативната рутина: Август ќе го помине летото пишувајќи нешто со среќен крај, а Јануари ќе заплови во водите на сериозната, интроспективна фикција. Таа ќе го носи на романтични места за да истражува за романтичната новела, а тој неа на интервјуа со преживеани од опасен култ (многу јасно). Двајцата ќе си ги завршат книгите и никој нема да се вљуби во никого. Сериозно…
Колку и да беше книгава она што си го замислував пред да почнам да ја читам, сепак пловењето низ приказната на Јануари и Август ми беше исклучително забавно и интересно 🙂 Да бидам искрена, знаев дека нема да е некое клише „љубовно романче“ затоа што имав препораки за книгава и прочитав доста солидни коментари, така што очекувањата и не ми беа баш ниски како за книга од овој жанр. Ова е книга која навистина брзо и лесно се чита, страниците се прелетуваат, а мене лично ликовите ми беа навистина допадливи. Немаше досадни моменти или празни дијалози, а приказната не е плитка иако е чик лит во прашање. Кога за прв пат ја прочитав кратката содржина мислев дека ќе биде малку конфузна, затоа што на некој начин имаме три приказни во една, ама на крајот баш некако сè беше убаво скоцкано и на место.
Ја препорачувам ако сакате да се опуштите со лесна и интересна приказна, а јас со сигурност ќе ја купам и подарам некому 🙂