„Четирите ветришта“ – Кристин Хана
Тексас, 1934. Милиони се без работа и невидена суша ги пустоши Големите рамнини. Фармерите се борат да ја зачуваат својата земја, воедно и својата заработувачка за живот, но жетвата пропаѓа, водата се суши, а прашината се заканува дека ќе ги закопа сите. Пристигнува еден од најмрачните периоди од Големата депресија… и тоа многу злокобно.
Во ова несигурно и опасно време, Елза Мартинели – како и многу од нејзините соседи – мора да донесе претешка одлука: дали да се бори за земјата која толку ја сака или да замине на запад, во Калифорнија, во потрага по подобар живот.
Четирите ветришта е страшен портрет на Америка и американскиот сон, низ очите на една нескршлива жена чии храброст и жртва ќе станат дефиниција за една цела генерација.
Ова е книга која знаев дека ќе ми се допадне уште на самиот почеток кога почнав да ја читам, поточно да ја слушам аудио верзијата на англиски јазик. Беше од оние книги кои навестуваат интересна приказна и за кои едноставно знаете дека ќе ве освојат. Верувам дека тука улога имаше и нарацијата, но и самата приказна која фрлаше светло врз еден мрачен период од историјата, гледан низ очите на една напатена, но храбра и исклучително силна жена.
Елза како главна хероина во приказната ми беше многу топол и допадлив лик – скромна, несвесна за своите вредности, зашто целиот свој живот била потчинета во кругот на сопственото семејство каде сите ја третирале неубава, непривлечна, па дури и непосакувана… Занемарени биле сите нејзини желби и соништа, кои всушност се движеле во еден правец – да учи и да се образува. Кога останува бремена од момче со италијанско потекло, а со тоа ги урива неговите планови да се ожени со вереницата и да замине да студира, Елза влегува во конфликт со неговото семејство. Избркана од сопственото после еден таков срам, Елза веќе не знае каде припаѓа и каде да продолжи со својот живот. На крајот сепак добива закрила од италијанското семејство каде благодарение на нејзината вредна работа и ненаметливост, почнува полека да се вклопува.
Оттука, приказната почнува да го раскажува животот на Елза за време на Големата депресија, основањето на нејзиното семејство и борбата да преживее и да им обезбеди подобар живот на нејзините деца. Преку нивниот пат ја спознаваме состојбата и очајот на многу семејства кои во овој мрачен период биле на работ на егзистенцијата. Алчноста на човекот, наспроти борбата да се преживее – додека едните тонеа во сиромаштија, другите се богатеа на нивен грб. Паралелно, следевме како Елза и нејзините деца се трансформираат како личности следствено на настаните кои им ги променија животите, но гледавме и како нивните меѓусебни односи се менуваат, што се чини беше неизбежно во такви услови.
Ако сте љубител на книгите на Кристин Хана, верувам дека и оваа ќе ви се допадне.