Maybe in Another Life – Taylor Jenkins Reid
На 29 години, Хана сè уште нема поим што сака да прави во животот. Живеела во шест различни градови и имала безброј бесмислени работни места откако дипломирала на факултет. По напуштањето на уште еден град, Хана се враќа во својот роден град Лос Анџелес и се сместува во станот на нејзината најдобра пријателка Габи. Набргу по враќањето во градот, Хана и Габи излегуваат една вечер и се среќаваат со Итан – момче на Хана од средно училиште.
Веднаш по полноќ, Габи ја прашува Хана дали може да си одат дома. Миг подоцна, Итан ѝ нуди да ја однесе дома ако сака да остане. Хана се двоуми. Што ќе се случи ако таа замине дома со Габи? Што ќе се случи ако остане со Итан?
Во двете приказни, Хана ги живее ефектите од секоја одлука. Набргу, овие паралелни универзуми се развиваат во сосема различни приказни кои имаат последици врз Хана, но и луѓето околу неа. Како што се одвиваат овие две алтернативни реалности, се поставува прашањето: Дали постојат случајности? Дали можеби постои судбина? Дали постои сродна душа? – Хана верува дека постои. И во двата света, таа верува дека го нашла.
Ова не е прва книга од Тејлор што ја читам, така што знаев отприлика што да очекувам.
Раскажувањето одеше паралелно, само што јас мислев дека оди во две временски рамки, а не во две паралелни реалности, па на многу моменти бев збунета. На крајот всушност сфатив што се случувало цело време 😀 Да го знаев овој факт од самиот почеток, верувам дека од поинаква перспектива ќе ги следев приказните.
Имаше некои настани и дијалози кои ги сметав за непотребни, како само да беше оптеретена приказната со нив, без никаква цел. Како да заодувавме по некои патеки, а после да се враќавме назад кон центарот на сите случувања.
Но, генерално ми се допадна. Ме натера да размислам каде би била сега во животот, ако попатно сум донела поинакви одлуки 🙂
Мислам дека книгава не е најдоброто нешто од Тејлор Џенкинс Рејд, но сепак можете да ѝ дадете шанса.