The Bookshop on the Shore – Jenny Colgan
Очајна да избега од Лондон, самохраната мајка Зои сака да изгради нов живот за себе и за нејзиниот син Хари. Таа едвај може да си ја дозволи тесната гасоњера на прометна улица во Лондон, каде свирежот на фудбалски навивачи ги држи будни цела ноќ. Ако наскоро не најде излез, Зои знае дека е само прашање на време кога ќе доживее целосен крах. Таа решава да се пријави на оглас за работа како дадилка, далеку од урбаниот метеж на Лондон. Во описот на работното место се бара некој способен да се грижи за три „темпераментни деца“, од кои две се однесуваат како диви животни 😀 Таткото на децата e вдовец, а децата дивеат во огромен замок на бреговите на Лох Нес. Сепак, мирната и живописна локација е сè што Лондон не е – а се чини дека Зои се справува со предизвиците на работата. Со помош на Нина, пријателски настроена продавачка на книги, Зои почнува да пушта корени во местото. Дали книгите, чистиот воздух и љубезноста се доволни за да го излечат ова скршено семејство? Но, и нејзиното…?
Ова е второ продолжение од трилогијата Scottish Bookshop и следи по книгата The Bookshop on the Corner за која веќе имам напишано рецензија на блогов. Може да се читаат засебно, не дека не се на некој начин поврзани, но тоа нема да ви пречи во читањето дури и да почнете со оваа. Што, сепак, не би ви го препорачала, ќе напишам зошто.
Иако на крајот ја оценив со три ѕвездички, ова е многу слаба тројка споредбено со други.
Најпрво, иако е дел од споменатата трилогија, сепак нема книжарница во оваа книга, без оглед на насловот 😀 Има книги, да, но имав поинакви очекувања кога го прочитав насловот и видов дека второ продолжение на книга која веќе ја имам прочитано. Сакам кога книгите имаат соодветен наслов, па оваа има мал минус во тој контекст.
Приказната не би рекла дека е лоша – во извесна мера е чик-лит, но авторката допира сериозни теми, па тоа ѝ дава неизбежна длабочина на книгата. Она што не ми се допадна беа ликовите, а кога ликовите не ви се допаѓаат, тогаш тешко дека било каква приказна ќе го маскира тоа. Ликовите се како столбови што ја држат приказната, а ако тие не се добро изградени, тогаш сè паѓа во вода. Иако беа интересен спој, секој од нив со различна позадина, сепак мене ми беа некако бледи, ме иритираа некои нивни постапки и во еден момент според нивното однесување, не можев да разграничам кој тука е возрасен, а кој дете. Не би навлегувала во нивна подлабока анализа, од причина што ќе морам премногу да откријам од приказната, но сепак ќе речам дека очекував повеќе од самите ликови, кои искрено кажано имаа потенцијал.
Она што ми се допадна беа сцените од околината во која се одвиваше дејствието, па иако во тој дел приказната можеше да биде уште поукрасена, самата помисла дека се одвива на шкотското тло, ми даваше дополнително чувство додека ја слушав, покрај акцентот на нараторот 🙂
Дали ви ја препорачувам? – Искрено, мислам дека нема да пропуштите ништо посебно ако не ја прочитате 🙂