The Language of Sycamores – Lisa Wingate
Карен Самерфилд веќе некое време ги избегнува големите проблеми во нејзиниот живот – емоционалната дистанца во бракот, нејзината неможност да има деца и борбата со ракот. Спасот од овие проблеми го наоѓа во нејзината кариера и посветеност во работата. Сè до денот кога таа ќе биде отпуштена, а докторот ќе ѝ каже дека постојат шанси ракот да се врати. Овој е двоен удар што ја тера Карен да направи некои неочекувани чекори – ненадејно заминува на старата фарма на нејзината баба Роуз, каде што нејзината сестра живее навидум совршен живот. Отворајќи се себеси за нешто ново и неочекувано, Карен наоѓа осамено дете на кое му треба нега и одговори за минатото на нејзиното семејство.
Лиса Вингејт за прв пат ја запознав со „Песната на речните птици“ која многу ми се допадна, па лесно се решив да ѝ дадам шанса и на оваа книга. Дел е од серијалот Tending Roses, но е трета по ред. Некаде прочитав дека овој дел има многу поврзаности со претходните две книги и не би имало смисла да се чита засебно, но искрено јас не забележав некои празнини во приказната додека ја читав. Веднаш по неа почнав да го читам и петтиот дел од серијалот и би рекла дека да, има поврзаности, покомплетна би ви била сликата ако ги читате по ред, но мислам дека не е неопходно.
Мене лично ми се допаѓа стилот на пишување на Лиса – одмерена е, детална, но истовремено и не ја оптеретува приказната со непотребни работи. Ликовите се допадливи, секогаш има објаснување зад нивните постапки и имав некое чувство на топлина кое ме водеше низ книгата.
Мислам дека ако претходно ја имате читано „Песната на речните птици“ и тргнете со високи очекувања кон оваа книга, тогаш можете да останете и разочарани. Меѓутоа, иако е послаба (а колку што видов и прилично постара, значи многу вода протекла во меѓувреме) сепак не би ја ставила во категоријата книги кои не вреди да се прочитаат. Дајте ѝ шанса 🙂