„Тајната колиба на плажата“ – Сара Џио
Летото во 1942 година, дваесет и едногодишната Ен Келовеј, неодамна свршена, одлучува да ја напушти својата земја за да служи во Армијата на медицинските сестри на Пацифичкиот остров Бора-Бора. Ова за неа претставува нешто сосема ново и возбудливо, сосема спротивно од она на кое е научена и навикната со нејзиниот мирен и предвидлив свршеник, па нејзиното внимание веднаш го привлекува мистериозниот војник по име Вестри. Нивното пријателство на прекрасно опишаниот остров наскоро почнува да цути како што хибискусот цути покрај океанот. Но покрај океанот има и нешто друго… Мала напуштена колиба на одамна починат сликар, непозната за останатите војници, па Ен и Вестри се состануваат под малиот речиси распаднат кров каде делат еден свој приватен свет. Но нивниот мал идеален свет во колибата се распаѓа кога стануваат сведоци на грозоморно убиство во близина на колибата. Брзо по убиството, Вестри одеднаш го преместуваат на друга воена локација и целата убавина исчезнува во ветриштата на војната.
Ен Келовеј, сега старица, ја раскажува оваа приказна обидувајќи се да открие нешто повеќе во врска со љубовта која трае повеќе од седумдесет години…
Кога е Сара Џио во прашање, не се сомневам дека ќе ми се допадне она што го напишала, затоа што ми се допаѓа нејзиниот стил на пишување и е баш my cup of tea. Кога влегов во Сакам книги бев решена да земам некоја нејзина книга, само се двоумев меѓу оваа и „Последната камелија“, па на крај одлучи читателската публика на Goodreads 🙂
Како и повеќето книги на Џио, и оваа прави спој меѓу минатото и сегашноста – тргнува од едни тешки времиња кога светот е втурнат во уште една светска војна, а завршува во денешно време кога се откриваат тајните од тоа далечно минато во обид да се реши мистерија која останала закопана со децении. Овојпат нешто поинакво од она што го имам читано претходно, бидејќи Втората светска војна ја следиме на необична локација, а тоа се островите на Пацификот. Ен е само една од многуте млади кои нивниот дотогашен живот го ставаат на пауза, во нејзиниот случај испланираната венчавка, и заминуваат за да ѝ служат на Армијата. Но, во меѓувреме се случуваат многу работи кои Ен ја менуваат како личност, па кога таа се враќа дома веќе ништо не е како порано.
Ќе започнам со она што ми се допадна, а тоа беа ликовите на Ен и Вестри како главни носители на приказната од минатото. Особено ми се допадна начинот на кој нивната врската се создаваше и развиваше, некако ненаметливо, постепено и притаено. Без оглед на временскиот период во кој беше сместена нивната приказна, некако во поголем фокус беше нивната романска отколку војната, што не беа моите очекувања. Преку нејзиниот начин на раскажување, Џио умее да ве зграпчи и да ве поведе на заедничко патување со ликовите, па на моменти ќе се почувствувате како да сте дел од случувањата. Се чита брзо, навистина многу брзо, јас прелетував низ зборовите и страниците бидејќи сакав да видам што ќе се случи понатаму.
Она што не ми се допадна и заради кое ѝ дадов 4 ѕвездички беше расплетот во кој некако многу работи брзо се разрешија, некои од нив буквално во неколку реченици, а претходно се провлекувале речиси во текот на целата книга. Исто така, не ми се допаѓа кога временските рамки во кои ги среќаваме истите ликови се со толку голема временска разлика, или во случајов – 70 години. Иако не е невозможно, веројатноста главните ликови да се живи, здрави и способни за она што го изведоа во книгата во десеттата деценија од нивниот живот, е многу мала. Лично сакам кога нештата се пореални, иако се работи за фикција 🙂
Ако сте љубители на историски романси – ви ја препорачувам.