„Војводата и јас“ – Џулија Квин
Децата на аристократите во Лондон учат како треба да му се обраќаат на војвода и како да се поклонуваат пред принц уште од најрана возраст. Аристократското општество е полно со пишани, но и голем број непишани правила, кои едноставно се подразбираат. Еден вистински војвода треба да е авторитативен и резервиран. А младите дами кои се на возраст за брак треба да се културни и пријателски настроени… но никако премногу пријателски настроени.
Дафне Бриџертон отсекогаш имала проблем токму со ова. Бидејќи потекнува од огромно семејство во кое владее хармонија и блискост, таа се има спријателено со сите најпожелни ергени во Лондон. Сите ја сакаат Дафне поради нејзината добрина и хумор. Но никој не ја посакува вистински. Таа е премногу искрена за да ги игра романтичните игри кои ги играат другите млади дами за да освојат добар маж.
За војводата од Хејстингс дефинитивно не може да се каже дека е пријателски настроен. Кога се враќа во Англија од долгите патувања низ светот, тој планира да се дистанцира од бракот и општеството – баш како што неговиот ладен татко го дистанцирал него од себе во текот на целото негово болно детство. Но добива уште подобра идеја кога наидува на сестрата на неговиот најдобар пријател. Ако Дафне се согласи да се преправаат дека тој ѝ се додворува, Сајмон ќе се спаси од напорните мајки кои парадираат пред него со своите ќерки, а Дафне значително ќе ја подобри својата репутација и бројката на додворувачи.
Планот е одличен, барем на почетокот. Но сите знаат дека љубовта ги игнорира сите правила…
Ми се чини дека е речиси невозможно да не сте слушнале за Бриџертон серијалот, особено ако сте корисници на Нетфликс кој направи серија по книгите на Џулија Квин. Ќе бидам искрена кога ќе кажам дека долго време ги одбегнував книгиве, зашто секогаш имам некоја одбивност кон екранизирани наслови за кои се крева прашина. На крајот сепак решив да ѝ дадам шанса на првата, за сега веќе да ја читам и втората 😀
Ја слушав во аудио формат што мислам дека дополнително имаше влијание врз мојата перцепција на настаните, првенствено заради акцентот и дикцијата кои веднаш ме однесоа на друго место и во друго време.
Ми се допадна запознавањето на семејството Бриџертон, а преку него и самото општество во кое живеат, ми се допадна начинот на кој беа прикажани врските меѓу ликовите, нивните меѓусебни односи и нивната историја. Со оглед на тоа дека се држев настрана од серијата на Нетфликс, немав поим кои актери се одбрани на кастингот и како изгледаат, така што додека ја слушав во глава целосно ги портретирав и ликовите и сцените.
Двата главни ликови ми беа многу симпатични и ми се допаднаа начинот на кој постепено се градеше и се развиваше нивната врска – сè течеше некако спонтано, ништо не беше усилено и навистина можеше да се почувствува нивната хемија.
Можеби малку ми недостасуваше прозно раскажување преку кое подобро ќе ги спознаев околностите во кои се одвиваа сцените, бидејќи во голем дел приказната е прикажана преку дијалози меѓу ликовите. Е сега за озогласената сцена при крајот на книгата – секако дека не ми се допадна и мислам дека беше комплетно непотребна и излишна. Книгата ќе беше одлична без неа и искрено не знам што мислела Џулија кога ја пишувала.
Веднаш откако ја довршив оваа книга, продолжив со „Висконтот кој ме сакаше“, а во план ми е да се префрлам и на Нетфликс и да ја изгледам и серијата 🙂