„Седумте“ – Илина Арсова
Ако знаете која е Илина Арсова и ако сте запознаени со нејзините планинарски подвизи, тогаш судејќи по самиот наслов, веројатно лесно ќе претпоставите за што таа пишува во нејзината втора книга. „Седумте“ е книга за која добив желба да ја прочитам уште кога Илина во едно интервју кажа дека ја пишува.
Како ќерка на двајца планинари, со вродена љубов кон планините, имам особена почит кон овој спорт и сите оние кои го негуваат. Огромен дел од детството го поминав на планина и практично израснав таму, неретко слушајќи ги приказните на мајка ми и татко ми за сите згоди и незгоди, тешки, но и опасни ситуации при искачувањето на планинските врвови. Често гледам и документарни емисии на оваа тема, па знаев дека книгава со сигурност ќе ми се допадне и ја имав во раце уште вториот ден од промоцијата. Имав некаква замисла и идеја за самата книга, но морам да признаам дека ги надмина моите очекувања.
Од старт морам да кажам дека она што многу ме изненади беше отвореноста и искреноста на Илина во нејзиното пишување. Ова не е само книга за искачувањето на седумте врвови, туку многу повеќе. Преку неа, одблиску ја запознаваме Илина како личност, бидејќи таа многу несебично го отвора патот до нејзиниот живот, споделувајќи делови од нејзиното детство кои се рефлектирале во подоцнежните години, ги спознаваме нејзините внатрешни борби, размислувања, ставови, дилеми… Во текот на пишувањето, таа допира и до други теми, како на пример екологијата за која е гласен поборник, давајќи приказ на нејзиниот едноставен начин на живот исполнет со уметност до најситното парче.
Истовремено, ја спознаваме и позадината на секое нејзино искачување – она што претходело, а и она што следи по секое освојување на врвот. Тука сфатив дека самото освојување на планинските врвови, чекор по чекор, нога пред нога, веројатно е најлесниот пат кој треба да се изоди. Невозможно е да не ви предизвика разочарување раскажувањето на Илина за сите дадени, но неисполнети ветувања, сите слушнати лаги, затворени врати, неодговорени повици, а на крајот, бесрамната смелост што ја имаат некои луѓе да застанат покрај тебе дури откако си го поминал најтешкото.
Ми се допадна концептот на која е напишана книгата – низ самото раскажување вметнати се извадоци од дневниците на Илина што ги пишувала при нејзините искачувања, па тоа дополнително ми даде можност да се соживеам со нејзините авантури и за момент да почувствувам дека и јас сум таму со неа. Преку нејзините патописи, таа ве поведува на заедничко патување на кое можете да ги видите сите убавини од пејсажите кои го одземаат здивот, но и да го почувствувате студот и тежината на секој поминат чекор.
Додека ја читав често си помислував: Колку убаво се изразува. Илина навистина умее со зборовите, па како што глатко течеше нејзиното раскажување, така и јас лесно се пуштав од збор на збор.
За крај, морам да кажам дека многу ми се допаѓа начинот на кој е склопена корицата – прав погодок 🙂 Ова е книга која вреди да ја имате во вашата домашна библиотека.