Such a Fun Age – Kiley Reid
Аликс Чембрлен е успешна жена која секогаш го добива она што го сака и заработува за живот учејќи ги другите жени како да го прават истото. Една вечер кога некој ќе упадне во нејзиниот семеен дом, таа во последна минута ја повикува нејзината бебиситерка, Емира Такер, за да ја причува нејзината две годишна ќерка Бријар. Кога во доцните часови Емира ќе ја однесе Бријар во локалниот супермаркет во елитната населба, настанува проблем. Обезбедувањето на продавницата, гледајќи во доцните часови млада црна жена со бело дете, ја обвинува Емира дека ја киднапирала Бријар. Се собира мала толпа на луѓе, случаен минувач ја снима целата ситуација, а Емира е бесна и понижена. На 25 годишна возраст, таа е на чекор да го изгуби своето здравствено осигурување и нема поим што да прави со животот. Кога видеото на Емира ќе откопа дел од минатото на Аликс, нивните хармонични односи започнуваат да се разнишуваат.
Such a Fun Age е книга која долго време ја имав на ум за читање, особено откако на Goodreads беше избрана за Најдобар дебитантски роман за 2020 година. Ми се допадна во најголемиот дел, а на крајот ја оценив со 4 ѕвездички, но ја сместувам некаде помеѓу 3 и 4.
Мислам дека не е штета покрај она што е кажано во кратката содржина да откријам и нешто плус во мојава рецензија, а тоа е дека всушност новото момче на Емира, Келеј, кое таа го запознава со семејството каде што е бебиситерка, е всушност првото момче на Аликс од средношколските денови. Работите меѓу нив двајца не завршиле добро, а тие имаат сосема различни сценарија за она што се случило, па главното ривалство ќе биде меѓу овие два ликови. Во текот на раскажувањето постојано се префрлав од една на друга страна, те му верував на едниот, те на другиот, зашто и двете приказни ми делуваа сосема возможни со оглед на околностите. Аликс е жена која секогаш вработува црнци за да работат за неа, додека пак Келеј секогаш излегува со такви жени и е единствениот белец во неговото друштво. Интересно беше што и двајцата меѓусебно се обвинуваа за расизам, а за себе беа убедени во спротивното.
Книгава допира различни теми, меѓу кои расизмот е само една. Портретира две сосема различни жени чиј живот е во фокусот – едвата е израсната во сите удобности, успешна е и добро ситуирана, додека другата е на работ на егзистенција и нема поим кој пат во животот да го фати, затоа што не знае каде сака да стигне. Ја прикажува врската меѓу Бријар и Емира како нејзина бебиситерка и колку таа има влијание врз неа во отсуство на нејзината мајка; односот меѓу Емира и семејството каде што таа работи и обидот на Аликс таа да се почувствува како дел од семејната заедница; врската меѓу Емира и Келеј која се комплицира откако таа го дознава заедничкото минато меѓу него и Аликс, а на крај и триаголникот кој се создава меѓу нив тројца.
Сите ликови беа повеќеслојни и комплексни и тоа ја правеше целата приказна поинтересна. Ми се допадна и начинот на раскажување, иако на моменти имав чувство дека ништо посебно не се случува. Сепак, имајќи предвид дека се работи за дебитантски роман, повеќе од одличен е. Го препорачувам.