A Madness of Sunshine – Nalini Singh
На западниот брег на Нов Зеланд, Голден Коув е повеќе од град во кој живеат луѓе. Возрасните се повеќе од соседи; децата, повеќе од соученици. Тоа е така сè додека едно судбоносно лето – и неколку исчезнати тела – не ја уништат меѓусебната доверба што го држи ова место сплотено. Остануваат само шепоти зад затворени врати, скршени пријателства и непишан договор да не се зборува за тоа. Но, тие не можат да му избегаат на минатото засекогаш. Осум години подоцна, убава млада жена исчезнува без трага, а жителите се прашуваат дали нивниот дом е засолниште на нешто многу опасно. Нема да помине долго време пред мрачното минато да се судри со прогонуваната сегашност и смртоносните тајни да излезат на виделина.
Налини Синг е позната по нејзините трилери, а ова е прва нејзина книга која ја читам, иако често сум ја среќавала низ читателските групи на Goodreads. Иако генералниот впечаток обично го оставам за крај, сега еве од старт ќе кажам дека би читала и други нејзини книги.
Најпрво морам да ја пофалам аудио книгата – одлична беше, додека ја слушав можев да ја почувствувам таа мрачна атмосфера што владееше во Голден Коув по низата настани што го потресоа гратчето.
Вака кога ќе размислам, книгава има некои елементи што многу често се среќаваат во трилерите – мало гратче во кое се случува некоја трагедија, нерасчистени работи од минатото кои испливуваат на површина во сегашноста, лик чија животна приказна ја следиме паралелно со откривање на позадината на злосторството, детектив кој на некаков начин се поврзува со тој лик 🙂
Имав повеќе можни сценарија во глава, главниот расплет не го предвидив во целост, но некои делови ги очекував. Попатно во текот на приказната, истрагата не дава многу резултати, барем не во првата половина од книгата, што малку ми недостасуваше. Не дека тоа беше причина за да ми бега вниманието, но поголемиот дел од она што се случило се открива во втората половина и при самиот крај.
Во однос на главните ликови – не е дека не ми беа допадливи, дури би рекла дека добро беа изградени, им беше дадена доволна длабочина и позадина, но сепак јас не успеав да се поврзам со нив, т.е. да сочувствувам со она што им се случува(ло). Не можам да детектирам од која причина, ама не би го препишала тоа на самата авторка која се чини дека тука си завршила добра работа.
Ја препорачувам.