„Луѓето кои ги среќаваме на одмор“ – Емили Хенри
Попи и Алекс. Алекс и Попи. Тие двајца немаат ништо заедничко. Таа отсекогаш била диво дете; тој носи каки панталони и карирани кошули. Таа е ненаситна за лутање и шетање по светот; тој повеќе би сакал да седи дома со добра книга. Сепак, некако, уште од едно судбоносно заедничко патување до дома од факултет пред многу години, тие се нај-најдобри пријатели. Најголемиот дел од годината го поминуваат одвоени – таа живее во Њујорк, а тој во нивниот мал роден град – но секое лето во изминатата декада одат на прекрасен одмор заедно.
Односно, до пред две години, додека не уништиле сѐ. И оттогаш не разговараат.
Попи има сѐ што би можела да посака, но заглавена е во монотона рутина. И кога нејзината пријателка ја прашува кога последен пат била вистински среќна, таа без ронка сомнеж знае дека тоа било на последното, „фатално“ патување со Алекс. Па така одлучува да го убеди својот најдобар пријател да отидат на уште еден одмор заедно – да ги стават сите карти на маса и да ги поправат работите. И за чудо, тој прифаќа. Сега таа има една недела да поправи сѐ. Само кога би можела да ја игнорира големата вистина која отсекогаш се криела во нивната навидум совршена врска.
Од Емили Хенри ја имам прочитано „Љубовно романче“, така што од старт знаев што отприлика да очекувам, иако на прв поглед без да ја прочитам кратката содржина, судејќи по насловот имав поинаква замисла.
Раскажувањето во оваа книга тече во две рамки – минатото, кога Попи и Алекс биле најдобри пријатели и сегашноста, кога односите меѓу нив двајца се разнишани. Настаните од минатото се дадени во различни години, што разбирам дека може да биде малку конфузно, но јас искрено и не обрнував внимание толку на податокот пред колку лета се случиле настаните и тоа не ми пречеше во поврзување на целата приказна.
Попи и Алекс ги гледаме во периодот кога оделе на патувања, следејќи го сето она што го доживувале заедно, паралелно со периодот кога се оддалечени еден од друг. Сè што знаеме е дека во меѓувреме се случило нешто што го скршило нивното пријателство и повеќе ништо не е како порано. Иако насетував што би можело тоа да биде, сепак се ослободив од претпоставки и кроење можни сценарија, зашто сакав да се опуштам со чик-лит без многу да се оптеретувам 😀 Дополнително приказната беше украсена со описи од местата кои ги посетуваа и заедничките активности што ги имаа таму.
Ликовите беа добро изградени, попатно низ нивните патувања полека се оформуваа и беше дадена нивната позадина од семеен и генерално од животен аспект, со околностите што оставиле трага врз нивните карактери и ги направило она што се денес. Низ годините го следевме и развојот на нивниот однос, од нивното запознавање, па сè до она да станат најдобри пријатели. Понатаму за нивното скршено пријателство нема да пишувам ништо, бидејќи мислам дека нема да биде возможно да напишам било што без да откријам премногу.
Во продолжение неколку издвоени цитати:
“I don’t think I knew I was lonely until I met you.”
“I wish I could bottle this moment and wear it as a perfume.”
“Sometimes it feels like I didn’t even exist before that. Like you invented me.”
“Maybe things can always get better between people who want to do a good job loving each other. Maybe that’s all it takes.”
“Like a good book or an incredible outfit, being on vacation transports you into another version of yourself.”
“Because I know you, he says tenderly, “and I remember what you sound like when you like something.”
“I don’t know how to love someone as much as I love you.”