„Мудар родител – среќно дете“ – Хедвиг Монтгомери
Што да направите кога вашето дете доживува некаква криза за која се чини дека нема никаква причина? Како да постапите кога детето не спие мирно, не сака да јаде или вреска секогаш кога треба да оди некаде? Повеќето родители би избрале една од овие опции: да збеснат или едноставно да се откажат. Но што ако постои и трета опција?
„Мудар родител – среќно дете“ е наменета за сите оние што имаат неколку години родителско искуство и имаат потреба од совети. Низ седум лесни чекори, психологинката и семеен терапевт Хедвиг Монтгомери ги води родителите и старателите на патувањето што им претстои затоа што родителството е долготраен проект – имате околу дваесет години да го завршите овој проект како што треба.
„Мудар родител – среќно дете“ е поучна и едноставна книга што ќе ви помогне да изградите цврст и среќен однос меѓу вас и вашите деца, без оглед на која возраст се.
Од Хедвиг Монтгомери најпрво ја прочитав „Мудар родител – среќно бебе“ и толку многу ми се допадна, што следно ја купив оваа и за брзо време ја прочитав.
Го сакам стилот на Монтгомери – секогаш ми влева некое чувство на сигурност дека сè е едноставно и сè има решение, колку и да ни се чини дека не е така. Освен тоа, во многу наврати споделува нејзини лични искуства, со оглед на тоа дека е мајка на три деца, па имате чувство дека ви е пријателка која дошла на кафе и со која си ги споделувате родителските маки 😀 Затоа и ми се допаѓаат нејзините книги – работите не ги дава само теоретски, туку дава примери и од пракса укажувајќи на тоа како треба да постапите во дадената ситуација.
Нешто кое Монтгомери секогаш сака да им го предочи на своите читатели е тоа дека нема совршени родители, но сите ние се трудиме да бидеме најдобрата верзија за нашите деца.
Како и во претходната книга, така и во оваа сè е дадено толку јасно и концизно, што додека ја читате нема да ви остави отворени прашања. Во неа опфатени се различни ситуации и различни пристапи кои треба да ги имате кон детето во согласност со неговата возраст. Не знам од која причина мислев дека ќе биде фокусирана на помала возраст, поточно од 2-4 години, меѓутоа оди подалеку од тие возрасни граници, сè до тинејџерските години.
Сумирано – ова е книга која би била добар подарок за родители на мали деца кои ги познавате 🙂