„Скандал на пролет“ – Лиса Клејпас
Откако Дејзи Боуман не успева да си најде маж три сезони во Лондон, татко ѝ ѝ се заканува дека ако таа самата не си пронајде маж ВЕДНАШ, тогаш тој лично ќе ѝ пронајде, без разлика дали ѝ се допаѓа изборот или не. А неговиот избор дефинитивно не ѝ се допаѓа затоа што станува збор за најладниот, најнепривлечниот и најздодевниот маж на светот – Метју Свифт.
Дејзи е ужасена. Боуманови никогаш не признаваат пораз и таа одлучува да направи сè што треба за да се омажи со некој… кој било друг, освен Свифт. Но завршува шокирана кога одеднаш го сретнува Метју и сфаќа дека тој веќе не е непривлечниот маж од пред неколку години, не е слабото одбивно момче на кое се сеќава… Напротив, неговиот шарм почнува да ја разоружува и Дејзи полека почнува да сфаќа дека постои шанса човекот кој отсекогаш го мразела да е оној вистинскиот, човекот од нејзините најлуди соништа.
Но баш кога таа конечно почнува да попушта, наидува на отпор и тајни и скандали од страна на Метју. Нешто што може да ја уништи дури и најсилната љубов на светот, љубов каква што нема дури ни во најлудите фантазии на нејзината романтичарска душа.
„Скандал на пролет“ ја читав откако направив пауза после „Една страшна зима“ и „Се случи една есен“. Измеѓу ми недостасува „Тајни на летната ноќ“ која е дел од истиот серијал на Клејпас, но сите книги се фокусирани на различни ликови, така што и да ги читате по поинаков редослед мислам дека нема да имате недостатоци во приказната.
Иако поминаа 2 години откако ги читав првите две книги (а не бев ни свесна дека поминало толку време без да проверам) сепак впечатоците и сеќавањата ми беа чисти како да сум ги читала вчера 🙂
Знаев што да очекувам, зашто и во третава книга на Клејпас приказната се кроеше по истата шема. Метју Свифт како лик имаше за задача на почетокот да ви биде непривлечен благодарение на неговата фасада на одбивност, но подоцна да ве освои со неговата позадина во која се крие нешто поинакво. Сепак, искрено кажано споредено со главните машки ликови во другите две книги, Метју ми беше некако најблед. Од друга страна, неочекувано Дејзи ми се допадна можеби најмногу од сите протагонистки во трите книги од Клејпас – некако беше посамоуверена, поодлучна и знаеше што сака, а што не сака.
Генерално книгава би ја оценила измеѓу 3 и 4 ѕвездички од неколку причини. Прво, имаше некои делови од заедничката приказна на Метју и Дејзи што лично не ми се допаднаа, а второ во некои моменти споредните ликови ми беа премногу „гласни“ и мислам дека непотребно се фокусиравме на нив.
Ако претходно сте ја читале Клејпас, тогаш знаете што да очекувате и следствено би знаеле дали би ви се допаднала 🙂