Нови празнични книги за претстојниот Божиќ
Крајот на декември ми е омилен период за шетање по книжарници, со оглед на тоа дека секоја година купувам книги за подарок, а тоа не беше исклучок ни оваа година. Мило ми е што гледам дека сè почесто луѓето се одлучуваат да подарат книга, а на мојот блог можете да најдете повеќе предлози за празнични книги кои би биле одличен подарок по овој повод. Можете да ги погледнете статиите за Книги со зимски приказни кои би биле одличен новогодишен подарок и Три нови божиќни книги за претстојните празници, а во продолжение да прочитате за две нови изданија на божиќни книги.
Божиќ во Шкотска – Сара Морган
Во снежните Шкотски Гори, Сузан Мекбрајд сонува за совршен Божиќ. Нејзините три посвоени ќерки доаѓаат дома за празниците и таа со нетрпение ги чека. Напнатоста расте…
Хана, зависничка од работа, знае дека не може две години по ред да го избегнува празнувањето со семејството. Но паниката не е предизвикана од тежината на нивните очекувања – туку од големата тајна што ја крие.
Мајката домаќинка Бет доживува лична криза и за време на Божиќ сака само да размисли дали е подготвена да се врати на работа – семејната средба би требало да ѝ го намали стресот, не да го зголеми.
Поузи не е сигурна дека ужива во животот, но бидејќи нејзините родители зависат од неа, ризично е да направи промена. Но сепак, не е толку ризично колку што е вљубувањето во прекрасниот нов сосед Лук.
Додека сонот на Сузан за совршен Божиќ пропаѓа, мора да верува дека празничната магија ќе ги сплоти нејзините ќерки. Но дали оваа нова сплотеност ќе ги научи сестрите дека нивната врска е доволно цврста за да издржи сѐ – вклучувајќи и еден необичен семеен Божиќ?
Сè што сакам за Божиќ – Џоана Болури
За Божиќ се случуваат чуда, но не и за Ник. Тој ја изгуби работата како добро платен лондонски корпоративен адвокат, картичката му е речиси испразнета, а неговата девојка го напушти. Му останува да се самосожалува во апартманот што го дели со својот најдобар пријател и колега кој подобро се снаоѓа во животот.
Ник бара нова работа – каква и да е!
Без волја прифаќа привремено да работи како Дедо Мраз во локалниот трговски центар. Така ќе го сретне четиригодишниот Алфи. Сè што сака Алфи за Божиќ е неговата мајка Сара повторно да биде среќна. Трогнат од несебичната желба на детето, Ник ќе се сети на една многу добра идеја. Тој ќе организира состанок со Сара, што можеби ќе донесе голем пресврт во неговиот живот.