„Поважно од животот“ – Адел Паркс
Џорџина, навистина, се потруди да се трансформира во жена каква што посакува Хју Вилијамс. На триесет и две години, таа има совршена кариера во маркетинг секторот и совршено тело, но не јаде крофни. Во врска е и со совршен маж, кој ја остави својата сопруга.
Животот ѝ наликува на бајка, што може повеќе да посака една жена?
Но, Џорџи никогаш не планираше да забремени…
Сега таа е една од оние жени кои бараат крофни низ канцелариските канти за ѓубре… плаче додека чита книги за бебиња… и животот ѝ се врти околу тоа како се чувствува, а не како изгледа. Но, како што одминува бременоста, Хју сѐ повеќе се одалечува. Малото суштество кое расте во неа, ги става во искушение.
Џорџи, конечно, ќе знае што навистина значи да се сака некој безусловно, вклучувајќи се и самата себе.
Ова е една од оние книги за кои впечатокот ми бил сосема различен во првата и втората половина од приказната.
На почетокот не ја разбирав Џорџина, дури и ја презирав – жена која цел живот копнее по еден маж (кој патем не ја ни заслужува) целосно се обликува (и физички и карактерно) само за да му се допадне и да го освои, живее за впечатокот кој го остава кај другите, се потценува себеси, мисли дека не вреди повеќе од 5 на скала до 10 и како да го глуми целиот нејзин живот. Сосема очекувано – бременоста ѝ ги пореметува сите животни планови и целосно ја вади од оној колосек кој очигледно добро го владеела дотогаш. Тука веќе почнав да сочувствувам со неа, па дури и да си се пронаоѓам себеси во одредени моменти што ѝ се случуваа, па постепено почна да ме освојува и веќе на крајот бев во „тим Џорџи“ 😀
Книгава во суштина не зборува само за една изгубена трудница која е затекната во ситуација во која не знае како да се снајде. Зборува за многу повеќе. За врските во кои владее целосен дисбаланс меѓу партнерите (од секој можен аспект), за неверствата, за општествените очекувања од мајките, па и од жените генерално, за двојните стандарди, за идеализирање на партнерот… Мислам дека книгава би била одлична за тема на разговор во читателски клуб 🙂 Многу брзо се чита, иако е релативно обемна (околу 450 страници). Прелетував низ приказната и додека да трепнам сфаќав дека сум прочитала 50 страници.
Ми се допадна начинот на раскажување, а ми се допадна и крајот – и јас би ја завршила приказната на потполно ист начин. Попатно морам да го пофалам и преводот на македонски јазик – одличен е 🙂
За крај одвоив неколку цитати кои ги зачував:
„Не е доволно да имаш добра работа, љубовник, прекрасен дом, супер пријатели и членство во фитнес-центар; наеднаш се појавува ново мерило. Морам да родам без да накачам тежина и додека практикувам јога-вежби, а потоа морам да одгледам друг Ајнштајн без да дадам отказ од работа.“
„Бременоста се чини како да е пропусница за во клуб, а сите други членови (мајки и идни мајки) мислат дека сме природно поврзани само затоа што сме заедно во овој клуб.“
„Бременоста е преголем залак за мене. Преголем предизвик е. Не ми се допаѓа малиот мочен меур, големиот стомак, повраќањето, задишаноста и изолираноста. А мајчинството? Уште повеќе мали мочни меури, вознемирени стомаци, уште повеќе повраќање, задишано беснеење и изолираност. Едноставно не сум сигурна дали сум подготвена за тоа. Ме плаши да бидам толку потребна некому. Исплашена сум од зависноста.“
„Зар не? Децата? Бебињата што ги носиме, не само моето или твоето, туку сите, тие се збир на сè и на секој што постоел претходно и еве ги, нашата иднина.“