„Едно лето во Италија“ – Ребека Серл
Кога ќе почине мајка ѝ на Кети, таа се чувствува изгубено. Керол не ѝ била само мајка туку и најдобра пријателка. Таа ги имала сите одговори и сега, кога ѝ е најпотребна на Кети, неа ја нема. Да бидат работите уште полоши, тие го планирале нивното животно патување мајка-ќерка: две недели во Позитано, магичниот град во кој Керол го поминала летото пред да го запознае татко ѝ на Кети. Таа со години го чекала ова патување со мајка ѝ, па сега е соочена со можноста да се впушти во авантурата сама.
Само што ќе стапне на брегот на Амалфи, Кети почнува да го чувствува присуството на својата мајка. Маѓепсана од прекрасните води, преубавите карпи, љубезните домаќини и, секако, превкусната храна, Кети како да се враќа во живот.
И тогаш се појавува Керол – жива, здрава, исончана и триесетгодишна. Кети не разбира што и како се случува – сè на што може да се сосредоточи е дека некако, невозможно, ја има мајка си назад. Во текот на едно лето во Италија, Кети ја запознава Керол, не како нејзина мајка, туку како млада жена пред да ја роди неа. Таа не е истата каква што ја замислувала Кети, но Кети мора да ги поврзе мајката која знаела сè со младата жена која сè уште нема поим.
Мислам дека книгава беше сè што ми требаше периодов. Ме извлече од дома, ме однесе во Позитано и цела недела ме шеташе низ италијанското крајбрежје. Морам да напоменам дека кога во книжарница посегнав по неа, го прочитав само почетокот на кратката содржина без да знам за надреалниот момент кој се појавува, така што тоа ми беше изненадување, но не во негативна смисла.
Да почнеме со приказната – Кети и нејзината мајка имаат навистина многу цврста врска. Керол е столбот во животот на Кети, нејзина потпора и нејзино прибрежиште кон кое секогаш се враќа кога не знае што да направи и како да постапи. Пред да донесе било каква одлука, Кети секогаш бара совет од нејзината мајка, па дури и кога се работи за животни планови кои треба да бидат донесени меѓу двајцата сопружници, како на пример основањето семејство. А кога Керол повеќе не е тука, Кети не знае како да продолжи сама. Нејзината мајка секогаш го имала одговорот на сите прашања и решението на сите проблеми. Таа сфаќа колку многу во животот се ослонувала на мајка ѝ, затоа што откако ќе ја изгуби, го губи и тлото под нозете.
„Кога си само рефлексија, што се случува кога сликата исчезнува?“
„Како можеше да ми го направи ова? Како можеше година по година да ми кажува дека е во ред, дека не требаше да знам, дека не требаше да ги имам сите одговори, зашто ја имав неа? Како можеше да се направи себеси толку неопходна, толку голем дел од мојот живот, мое срце – вткаено во ткаенината од која сум направена – само за да замине? Зарем не знаеше? Зарем не знаеше дека еден ден ќе останам без неа?“
Сега, во Позитано, Кети повторно се среќава со нејзината мајка, но овојпат ја запознава во нејзината младост – време во кое Керол имала нескротлив дух желен за авантура. Време во кое и таа самата не знаела многу работи, меѓу кои и тоа што сака да биде во животот. Кети е стаписана од оваа верзија на нејзината мајка, но како да добива нова шанса да излезе од нејзиниот оклоп кој дотогаш ја штител, за да продолжи самостојно да чекори низ животот.
По смртта на нејзината мајка, Кети се губи како личност, а со тоа сериозно запаѓа во криза и нејзиниот брак кој веќе почнал полека да се разнишува. Таа повеќе не е сигурна која е и што сака. За прв пат почнува да се преиспитува себеси во врска со нејзиниот сопруг кој бил нејзина прва и дотогаш единствена љубов. Биле млади кога започнале врска, потоа и брак, а сега Кети почнува да се прашува дали постапиле правилно и дали можеби пропуштиле некои работи во животот.
„Што ако никогаш не сфативме каде се обидуваме да одиме затоа што ни беше многу удобно таму каде што бевме?“
Кети се обидува да се пронајде себеси како личност, но и како сопруга. Одеднаш нејзиниот сопруг ѝ се чини далечен, заедно со нивниот брак кој како да бил дел од некој друг живот. Кети мора да донесе одлука дали ќе му се врати на Ерик, или ќе започне ново поглавје.
Целото ова патешествие го следиме преку сцените сместени во Италија. Никогаш не сум го посетила Позитано, но преку живописните описи во книгава имав чувство дека се движам низ неговите улички, дека вкусувам од неговата храна и вино, дека го вдишувам морскиот воздух. Како што Кети и Керол го искусуваа градот, така и јас одев во чекор со нив.
„Најубавиот поглед во некое место е всушност погледот кон тоа место.“
„Остануваме и ги гледаме брановите додека сонцето станува речиси црно. Додека ѕвездите не почнат да гледаат долу во бродовите во морето без да трепнат.“
„Тргнуваме по Виале пазитеа. Ги гледам црвените и портокаловите згради кои ги поминуваме. Има кошници со свежи продукти и кукли облечени во рачно сликани фустани. Забележувам еден син со сребрен вез. Има полици со крпени кукли за деца и пакетчиња во секоја нијанса на сино што океанот и небото можат да ја понудат.“
„Долу, во океанот, почнува да се спушта ноќта. Полека се појавува месечината, целата плажа лебди во тој меѓу простор.“
Ви ја препорачувам.