„Жената во мене“ – Бритни Спирс
Ако сте дете на 90-тите, тогаш сигурно сте растеле со музиката на Бритни Спирс од почетоците на нејзината кариера во која имаше еден куп хитови кои за брзо време го освоија светот. Иако никогаш не сум се доживувала себеси како нејзин голем фан, морам да признаам дека до ден денес ги паметам нејзините песни, од збор до збор, па дури и кореографиите од нејзините планетарно популарни видео спотови. Паметам многу моменти од нејзиниот живот и рана кариера, бидејќи иако во тоа време немаше интернет и социјални мрежи, Бритни беше толку популарна, што редовно ги полнеше весниците и списанијата ширум светот, а нашите не беа исклучок.
За неa сме читале и слушале сè и сешто, но овојпат, после многу долго време, Бритни е тука да ја раскаже својата страна на приказната. А приказната е навистина тажна… И речиси е невозможно да не се соживеете со нејзината судбина – дете ѕвезда уште од мала возраст прераснува во тинејџерска атракција која успеала да продаде милионски тиражи на албуми и да наполни стадиони на нејзините светски турнеи, за на крајот на доживее нервен слом, да ѝ бидат одземени двете деца и да биде ставена под т.н. conservatorship на нејзиниот татко цели 13 години. Повеќе од една декада, Бритни не смеела да прави низа работи бeз дозвола на татко ѝ, вклучително и тоа да вози, да се омажи, да ги контролира своите финансии и да ги гледа сопствените деца. Ова се всушност само мал дел од работите за кои таа морала да побара дозвола од нејзиниот старател и во многу наврати – не ѝ било дозволено. Книгата изобилува со трагични настани од животот на Бритни, но најголем дел е посветен на овој период, што се чини и најшокантен, до степен да се зачудите како можело вакво нешто воопшто да се случува толку долго време.
Форматот на книгата е налик белешки од различни периоди од нејзиниот живот, почнувајќи од нејзиното детство и почетоците во Мики Маус клубот. Иако настаните течат хронолошки, сепак не се толку врзани меѓу себе и се чини како Бритни само да допира одредени делови од нејзиниот живот кои ѝ биле најтешки, па има доста празен простор измеѓу. Сепак, мене лично ова не ми пречеше, затоа што јас добив чувство како да ги пополнувам празнините во мојата перцепција за неа, бидејќи многу од работите кои се случувале во позадина, никој не ги знаел.
Шоу бизнисот е една страшна и немилосрдна машинерија која може буквално да те скрши. А ако и твоето сопствено семејство не е покрај тебе за да те поддржи, туку е тука само за да ги троши твоите пари и да живее на твој грб, тогаш си готов. Не можев да не развијам чувство на гнев, најмногу спрема таткото на Бритни, кој повеќе од една деценија го контролирал целиот нејзин живот, почнувајќи од тоа што јаде и пие, каде се движи, истовремено терајќи ја да настапува без прекин за да го полни сопствениот џеб. А сега, кога конечно е слободна, не можам да замислам низ што поминува психички, со оглед на фактот дека треба повторно да се пронајде себеси како личност, после 13 годишното постојано негирање на нејзините желби и потреби кои ги имала како човек. Навистина не ми е јасно како дошло до целата оваа ситуација и дали и понатаму Бритни ќе беше под старателство на нејзиниот татко ако нејзините фанови не покренаа иницијатива за нејзино ослободување. Знам дека многумина можеби ќе си помислат дека книгава е нејзин обид да заработи пари, но јас ја разбирам нејзината потреба за closure после сè она што ѝ се случило во животот и после постојаното погрешно потретирање на нејзината личност од страна на медиумите. За книгава се изначитав секакви бомбастичните наслови, а на крајот откако ја преслушав, сфатив колку работите се тотално извадени од контекст. И тука веќе сè ви е јасно.
Бритни отсекогаш ми давала впечаток на нежна и кревка, но како и многумина веројатно, си се прашувам дали јас би го издржала сето она што ѝ се случувало. Искрено се надевам дека ќе го пронајде патот до сопствениот мир.
На крајот збор два за аудио верзијата – фантастична беше! Иако бев малку скептична, од причина што преферирам кога аворите сами си ги читаат нивните книги, сепак Мишел Вилијамс беше неверојатна во нејзината интерпретација, до тој степен што на моменти заборавав дека гласот кој го слушам не е на Бритни. Мислам дека одлично ја долови и ја читаше онака како што би ја читала самата Бритни. Ми беше прелесно да ја слушам, иако самата приказна е тешка.