None of This Is True – Lisa Jewell
Прославувајќи го својот четириесет и петти роденден во локален паб, популарната водителка на поткаст Аликс Самерс се среќава со една скромна жена наречена Џози Фер. Џози таа вечер исто така го слави својот четириесет и петти роденден.
Неколку дена подоцна, Аликс и Џози повторно се среќаваат, овој пат пред училиштето каде учи детето на Аликс. Џози редовно ги слуша епизодите од подкастот на Аликс и мисли дека нејзиниот живот би можел да биде интересна тема за слушателите. Таа е, како што цнајавува на Аликс, на чекор од големи промени во нејзиниот живот.
Животот на Џози се чини дека е чуден и комплициран, и иако Аликс има некое лошо чувство кога е во нејзина близина, сепак не може да одолее на искушението да продолжи да ги снима епизодите со Џози. Полека почнува да сфаќа дека Џози криела некои многу мрачни тајни, и додека да трепне, Џози успева да се вгнезди во нејзиниот дом и живот…
Иако на крајот книгава ја оценив со четири ѕвездички, впечатокот ми беше некаде меѓу 3 и 4.
За почеток ќе кажам дека аудио книгата ми беше едно интересно искуство, со оглед на тоа дека е направена баш како да го слушате само звукот од некој филм, без да ја гледате сликата. Има background noise, музика, стишени и далечни звуци, џигл од поткастот… и покрај толку преслушани аудио книги, ова за мене беше ново. Морам да признаам дека имаше многу моменти од кои ме лазеа морници, баш поради начинот на кој е снимана, а можеби и поради тоа што најчесто ја слушав навечер додека сите дома спијат, па некако чувството на морничавост беше поголемо 😀
Не знам дали беше до аудио книгата или до самиот начин на раскажување на Лиса, а можеби и до двете, ама бев целосно внесена во настаните додека ја слушав и сè друго правев на авто пилот додека со мислите бев во приказната. Го имаше во целост моето внимание од почеток до крај. Како што ја слушав, така во глава ми се развиваа неколку паралелни можни сценарија, два пресврти ги очекував, меѓутоа ќе признаам дека крајот не го предвидов.
Ликовите на Аликс и Џози се многу различни, со сосема различна позадина, но се добро доловени и вклопени. Ми се допадна како полека се развиваше нивната врска и како од случка во случка почнаа да се преплетуваат нивните животи. Се провлекуваше многу мистерија околу Џози која иако во текот на снимањето на поткастот ја разоткриваше нејзината животна судбина, сепак некои работи изостануваа и истите останаа на Аликс сама да ги открие.
Некои пресврти не ми се допаднаа и мислам дека беа сосема непотребни во книгава. Ги доживеав како натрапници во приказната и не ми беше јасно која е нивната цел.
Ако сте љубители на психолошки трилери, би рекла да ѝ дадете шанса.