Што зборуваат кориците за книгите
На сите добро ни е позната изреката „Не ја суди книгата по корицата“, ама бидете искрени – колку пати токму корицата била причината поради која сте посегнале по некоја книга? Јас ќе признаам – многу често.
Кога не барам некој конкретен автор или наслов, додека разгледувам листи со книги на Goodreads, вообичаено корицата е таа која има големо влијание дали ќе ја отворам книгата за да ја прочитам кратката содржина. Колку и да се трудам да не ги бирам книгите на тој начин, факт е дека корицата (секако, после насловот) е првиот елемент преку кој го градиме впечатокот за одредена книга. И ќе признаам – онаа изрека погоре не е кажана без причина, затоа што многу пати ми се случило да ме прелаже изгледот, за содржината потоа да ме разочара.
Книги кај кои кориците ми биле пресудни за изборот се на пример “The Sisters” и “The Taste of Salt”. Ова се книги кои сум ги избрала токму заради корицата и натписот, а не толку заради кратката содржина. Кај “The Sisters” ме привлече мистериозноста која ветуваше добар трилер, а “The Taste of Salt” ме освои со убава фотографија.
Од друга страна, има книги кои можеби никогаш не би ги одбрала самоиницијативно, ако не ми ги препорачал некој што веќе ги прочитал. Прва таква книга на која ми текнува е “Me Before You”. Оваа книга ја читав уште пред да биде преведена на македонски, така што првиот впечаток кој јас го добив за неа беше преку оваа едноставна црвена корица. Сигурна сум дека доколку ја сретнев разгледувајќи низ Goodreads, никогаш не би ме привлекла доволно за да ја отворам.
“Us” од Susan Wiggs, инаку комплет од две книги, исто така имаат насловни кои мене не ми се допаѓаат, но приказната во нив ја оценив со петка.
Корицата на “Envy” како повеќе да го вреска името на Сандра Браун, многу едноставна и тотално непривлечна, но е еден од подобрите трилери кои некогаш сум ги читала.
Кај македонската корица на „Раскажувачката“ не ми се допадна таквото неправилно делење на зборот на слогови, дури ни сликата не соодветствуваше со самата содржина, а сепак книгата ми легна на срце.
Најнеомилени дефинитивно ми се кориците со слики од филмот. Некако, ми делуваат тотално некреативни, а освен тоа, никогаш не го гледам филмот пред да ја прочитам книгата. Со самото тоа што на насловната ќе ги видам актерите кои ги играт главните ликови, ми се руши целата имагинација кога е во прашање формирањето на ликовите. Книгата која во моментов ја читам, „Дете 44“ има токму таква корица пред која се трудам да замижам и да си ги замислам ликовите онака како што јас сакам. Покрај тоа, Том Харди никогаш не би ме привлекол да прочитам некоја книга 🙂
Иако се трудам да не ги одбирам книгите по нивната корица, сепак истата како дел од целото „пакување“ ми е мошне важна. Секогаш е убаво кога ќе читате книги кои се комплетно скоцкани и кога покрај содржината, имаат добро одбран наслов и корица 🙂