Писател чии книги се најприсутни во мојата библиотека
Полиците со книги се место кое редовно го дополнувам и прередувам, разгледувајќи ги книгите кои сум ги прочитала и оние кои сè уште го чекаат својот ред за да ги земам во раце. Благодарение на последните новогодишни попусти во нашите книжарници, се снабдив со еден куп нови книги, па меѓу многуте писатели кои го чуваат своето место во мојата библиотека, решив да ги пребројам насловите и да видам кој од нив е најприсутен.
Ретко се држам до одредени автори и најчесто одбирам конкретни наслови, но и покрај тоа, имам повеќе книги од писатели како Чемберлен, Пико, Мисо и Коелјо. Дел од нив сум ги купила сама, а дел сум ги добила како подарок по некој повод. Сепак, никој од наведените писатели не може да му конкурира на единствениот – Зафон.
Прва негова книга која ја прочитав беше „Марина“, а потоа следуваа „Сенка на ветрот“, „Септемвриски светлини“ и „Полноќна палата“. Изминатите години никако не успевав да ја најдам „Играта на ангелот“ која е втор дел од трилогијата „Гробишта на заборавените книги“, па бев пресреќна кога неодамна ја најдов во Матица, заедно со „Заточеник на небото“, со што конечно го комплетирав серијалот. Книга која ми недостасуваше од „Трилогија на маглата“ беше „Принцот од маглата“, книга која исто така не можев некое време да ја најдам, но и таа ми падна во раце при мојата последна посета на Матица 🙂 А штом прочитав дека приказната за „Гробиштата на заборавените книги“ продолжува со уште две продолженија – „Лавиринт на духовите“ 1 и 2, едноставно морав и нив да ги имам 🙂
По последниот улов на неговите книги, Зафон дефинитивно го има местото број 1 во мојата домашна библиотека. Ми се чини дека сега ги имам сите негови книги преведени на македонски јазик, а ако случајно некоја сум испуштила, ве замолувам да ме известите 😀
Зошто го сакам Зафон?
Затоа што е писател кој на маестрален начин раскажува многу интересни и мистериозни приказни. По малку мрачни, но секогаш толку живописни, што имате чувство дека при читањето, и вие самите се движите низ приказната. Неговите ликови се прекрасно изградени, па на моменти ви се чини дека не се фиктивни, туку мошне реални и ги познавате целиот свој живот.
Секогаш уживам во неговите книги и топло го препорачувам на секој кој сака да потоне во неговите таинствени приказни.