„Преправај се и танцувај“ – Дајен Чемберлен
Моли Арнет е многу добра во чување тајни. Таа живее во Сан Диего со нејзиниот сопруг кој го обожава и со кој се надева дека наскоро ќе посвојат бебе. Но, постапката ја застрашува и отвора многу прашања за минатото и семејството на Моли – семејството кое таа го оставила во Северна Каролина пред повеќе од 20 години. Нејзината мајка за која таа кажува дека е мртва, а всушност е жива; нејзиниот татко кој таа премногу го сакала и по чија смрт избегала од својот роден крај; а на крај, нејзината биолошка мајка, чие мистериозно присуство во нејзиното семејство отсекогаш предизвикувала конфликти. Моли е загрижена дека вистината што таа ја чувала скриена за нејзиното детство, ќе се открие и ќе ја уништи не само нејзината шанса за посвојување туку и нејзиниот брак. Додека се обидува да најде начин да се смири со своето минато и да ја прифати иднината исполнета со ветувања, открива дека таа дури и не ја знае вистината за тоа што всушност се случило во нејзиното семејство…
Ја сакам Чемберлен и тоа не е тајна 🙂 Досега сум пишувала за повеќе нејзини книги на мојот блог, а конкретно ова издание на Култура веќе некое време ми стоеше на полиците, додека не дојде на ред. И сега вака кога ќе се навратам на некои нејзини наслови, сфаќам дека „Преправај се и танцувај“ не беше толку драматична колку што можела да биде 🙂
Брзо се чита, приказната лесно тече, а настаните од минатото и сегашноста се одлично вклопени едни во други. Од една страна го следиме минатото на Моли, она што се случило кобното лето кога ќе ѝ се смени целиот живот, а паралелно на тоа ја следиме Моли како веќе возрасна жена во брак, која крие многу тајни од својот сопруг. Иако ништо од настаните не ме изненади и остави со подзината уста, бидејќи ги очекував, сепак уживав во приказната. Сегашната Моли можеби не ми се допадна толку многу како лик, за разлика од Моли во тинејџерските години, но се обидував да ги разберам нејзините постапки и начинот на кој размислуваше. Нејзиниот татко ми беше многу допадлив лик, можеби затоа што го врзав со реален лик од моето секојдневие, па го доживеав како многу топла душа.
Што се однесува до преводот, не беше лош, со исклучок на некои грешки кои ги забележав, но веројатно она што најмногу ми пречеше беше техничка грешка со впишани ѝ на милион места, каде што не треба. После неколку поглавја, сфатив дека стојат наместо запирки. На почетокот многу ми пречеше, особено додека да сфатам од каде влетале во текстот, но потоа ги замислував како запирки, па немав толку голем проблем 🙂