Како писателите одбираат наслови за нивните книги?
Иако корицата или насловот не се пресудни за самата содржина на една книга, веројатно ќе се сложите со тоа дека овие два елементи играат важна улога во целокупниот впечаток кој ќе го добиеме за некое дело. Впрочем, колку пати ви се случило да прескокнете некоја книга затоа што корицата не ви изгледала, или насловот не ви звучел привлечно? Од таа причина, многу книги биле напишани под еден наслов, но објавени под сосема друг кој се чинел посоодветен.
Според многу редактори чија задача е да направат комплетна проверка на текстот пред една книга да биде издадена, насловот треба да биде привлечен, несекојдневен и лесен да се запомни. Само сетете се на мојата анализа за тоа кој е најупотребуваниот збор во македонските изданија 😀 Како ќе го запамтите насловот ако само знаете дека „беше нешто со девојка“? 🙂
Aмериканскиот писател Бенет Медисон вели дека тестот кој треба секој писател да го направи пред конечно да се одлучи за насловот на неговата книга е тоа да го кажува насловот на глас, пред други луѓе. „Ако успеете да го кажете слободно и самоуверено, без да се плашите, го имате вистинскиот наслов.“
Многу често издавачките куќи ги менуваат првичните наслови на книгите, бидејќи тие вложуваат многу пари во објавувањето на една книга, па сосема нормално е да се потрудат сè да биде како што треба, за да си ја вратат нивната инвестиција. Некогаш за овој процес е потребно неочекувано долг период, од причина што не секогаш издавачот и писателот се на иста линија, па потребно е време за да постигнат компромис.
Низ македонските изданија на книги, веројатно досега сте ја сретнале книгата „Јога кучка“ од Сузан Морисон, чија интересна приказна поврзана со насловот решив да ја споделам со вас 🙂
Најпрво, збор два за тоа што раскажува оваа книга, која претставува своевиден дневник на Сузан Морисон која ги бележи сите авантури за време на својот духовен престој на Бали. Таму, таа сака да се ослободи од стравот од смртта и да стане како нејзината инструкторка по јога Индра, која навидум има сè: љубов, себеси и Бог. Меѓутоа, нештата не се одвиваат сосем според планот. Кога ќе пристигне на Бали, Сузан дознава дека нејзините колеги и учители секое утро пијат голема шолја топла… урина. Шеќерот е смртен грев. Духови ги опседнуваат кујнските апарати. И колку повеќе се обидува да се продухови, нејзината борба со цинизмот, егото, но и чоколадата и виното, станува сè потешка.
Откако ја напишала оваа книга, Сузан долго размислувала за нејзиниот наслов, во консултација и многу дебатирање со нејзината пријателка Жан-Мишел Грегори и нејзиниот сопруг Мајк Дејси. Потрагата по наслов кој би бил нешто измеѓу „световно“ и „вулгарно“, се чинела навистина тешка. По неколку месеци размислување за можните опции, Сузан конечно го добила соодветниот наслов на нејзината книга. А како? Под дејство на анестезија пред да подлежи на операција, нејзиниот пријател Мајк ѝ рекол на сопругата: Сузан треба да ја наслови книгата „Јога кучка“. И тогаш се онесвестил 😀 Откако Жан-Мишел ѝ го пренела ова на Сузан, таа сфатила дека го има совршениот наслов. Дрзок, смел – полн погодок! Од тој момент, за неа едноставно не постоела друга алтернатива.
Ова сепак, не поминало толку лесно во издавачката куќа, од каде изјавиле загриженост за насловот, кој можеби би ги довел во заблуда читателите дека приказната е многу посаркастична од тоа што навистина е. Книгата всушност допира сериозни теми, а судејќи по насловот, многу читатели можеби би очекувале некоја полесна и забавна приказна, па на крајот ќе останат разочарани. Но, по многу размислувања, Сузан сепак сметала дека соодветниот наслов за нејзината книга би бил токму тој, бидејќи е она што таа го барала – спој меѓу нешто световно (јога) и нешто вулгарно (кучка). Па така, таа решила да ги убеди редакторите дека “Yoga bitch” е подобар наслов од нивниот предлог – “The Yoga Diaries”, со тоа што предложила да користат софистициран фонт на букви и корица која можеби ќе го даде вистинскиот впечаток за тонот на книгата. И токму така, со многу продадени примероци од нејзината книга која доживеа превод на различни јазици, Сузан Морисон стана јога кучка 😀