Најдобрите 20 книги за 2019-та според корисниците на Goodreads
Традиционално секоја година читателите на Goodreads гласаат за омилените книги во вкупно 20 категории меѓу кои најдобар трилер, мистерија, романса, фантазија, автобиографија и уште многу други категории. Од 15 понудени книги во секоја категорија, читателите имаат можност да гласаат, по што се одбира една најдобра книга.
„Верити“ на Колин Хувер, која колку што можам да забележам е мошне популарна книга кај македонските читатели, беше ставена во категоријата Најдобра романса, што за многумина беше чудно, бидејќи оваа и не е баш типична книга од Хувер. Сепак, иако верувам дека беше голем фаворит, во оваа категорија победи Red, White & Royal Blue од Casey McQuiston. Морам да признаам дека на прв поглед во првичната елиминација книгава и не ме привлече толку многу, не знам дали поради корицата, а можеби и поради кратката содржина која сигурно не сум ја дочитала докрај, затоа што сигурно ќе ја запамтев. Претпоставувам дека воведните реченици веќе ме отрфлиле од идејата да ја читам, бидејќи ми делувала многу бајковите, како некој Christmas Movie на Hallmark… Сепак, се чини дека можеби сум требала подобро да ја проучам. Особено пријатно ме изненади коментарот на самата Колин Хувер која на оваа книга ѝ дала пет ѕвездички и само пофалби, па тоа доволно ме заинтригира за да ја ставам на to-read листата.
Вниманието ми го привлече изборот на најдобра книга во категоријата Најдобра историска фикција, не толку поради насловот, туку поради Taylor Jenkins Reid од која ми е прочитана една од најубавите романси според мене, One True Loves. Конкретно оваа книга, Daisy Jones & The Six, е нешто поинакво од неа – нè враќа назад во 60-тите и 70-тите и раскажува за Дејзи Џонс и групата The Six кои своевремено биле многу популарни и никој никогаш не дознал зошто се распаднале. Сè досега.
Книгава беше изборот за читање во читателскиот клуб на Рис Витерспун, која самата вели дека „Дејзи и бендот ѝ го заробиле срцето“. Иако налетав на некои негативни коментари, сепак мислам дека ќе ѝ дадам шанса.
Неприкосновениот Стивен Кинг и овојпат доминираше во неговата категорија – Хорор книги. Последниот негов наслов The Institute веќе ги освои симпатиите на читателската публика и доби доста високи оценки. Книгата ја раскажува приказната на Лук, чии родители една ноќ се убиени, а тој е однесен во Институтот каде што го ставаат во соба идентична на неговата, но без прозорци. Во зградата има и други соби, каде има други деца со необични таленти, кои таму дошле на истиот начин како и тој. Луѓето кои стојат зад овој план, ги присилуваат децата да ги користат нивните моќи за сопствени цели, во спротивно, казните се брутални. Лук е очаен да најде спас, иако никој никогаш не успеал да излезе од Институтот.
Победникот во категоријата Најдобра историска книга и биографија е The Five: The Untold Lives of the Women Killed by Jack the Ripper од Hallie Rubenhold, која веројатно веќе знаете за што раскажува, барем според насловот. Покрај толку книги за Jack the Ripper, оваа е малку поинаква, бидејќи ги раскажува приказните од поинаква перспектива. Пет жени, сите пет различни, никогаш не се запознале, а имаат една заедничка работа – сите пет се убиени од познатиот сериски убиец Jack the Ripper во истата година, 1888-ма.
Вообичаено Goodreads гласањето за мене е прилика да ставам нови книги на мојата листа за читање, па макар и да не победиле во нивната категорија. Секогаш наоѓам нови интересни наслови, кои можеби и не би ги забележала ако не биле номинирани.
Еве кои се останатите книги победници во сите категории.