Што кога ќе се заситите од некој писател?
Пред некој ден додека ги разгледував книгите во прозорчето за препораки на Goodreads, се фатив себеси како скролам покрај книги од одредени писатели, а во главата веднаш ги шкртам од листа. Па од таа причина, овојпат на мојот блог решив да напишам нешто околу писателите чии книги (не)свесно почнав да ги одбегнувам.
Веројатно првата писателка која по извесно време престанав да ја читам е Агата Кристи. Нејзините книги почнав да ги читам многу одамна, некаде во средношколските денови и тогаш, мислев дека ќе ја читам целиот мој живот 🙂 Бев фасцинирана од нејзините приказни, не дека и денес не сум, но по извесно време почнав да ја предвидувам, па со тоа постепено почнав да се откажувам од нејзините книги. Истото ми се случи и со Сидни Шелдон.
Од писателите кои релативно неодамна почнав да ги читам, тука ќе ја споменам Лусинда Рајли. Ми се допаѓаат нејзините приказни и нејзиниот начин на раскажување, никогаш не ме разочарала, но еве конкретно после втората книга од серијалот „Седумте сестри“, јас веќе се заситив од стилот на пишување. Секако дека приказните се различни, но има многу исти елементи кои се среќаваат во книгите на Лусинда, па сега веќе би можела да набројам барем десетина точки за кои со сигурност ќе гарантирам дека ќе ги има во третото продолжение од серијалот. Од оваа причина, веќе некое време читањето на серијалот ми е на standby, иако верувам дека некогаш ќе дојде момент кога ќе бидам во расположение токму за таква приказна, а можеби дотогаш и ќе ми спласнат импресиите од другите нејзини книги, па повторно ќе се вратам на Лусинда.
Во оваа категорија за жал морам да ја споменам и Колин Хувер. Генерално ги сакам нејзините книги, „Ова завршува со нас“ ми беше дефинитивно врвот од неа, но веќе со „Сите твои совршености“ забележав елементи кои ми беа дежа ву, бидејќи се повторуваа од други нејзини книги. Последно видов дека има обиди за трилер, па мислам дека сепак ќе ѝ дадам шанса на нејзината последна книга која е поинаква од досегашните. Можеби и самата Хувер се заситила од нејзиниот стил на пишување, па сакала да проба нешто ново 🙂 Најразочарувачки е всушност кога ќе сфатиш дека веројатно си го прочитал најдоброто од некој писател и сè понатаму е само млако и бледо пресликување. Нешто слично како со Џоџо Мојес. Свесна сум дека „Јас после тебе“ ѝ е врвот и дека веројатно ништо после оваа книга нема да биде толку добро.